СДСМ бара мерки за итен интервентен откуп на грозјето од страна на државата, укинување на намалувањето од 8 отсто на откупната цена, дополнителна субвенција за секој откупен килограм и транспарентна методологија за формирање на откупната цена, со јасно дефиниран принос и шеќерни единици

Опозициската СДСМ ја обвини власта за паника, користење на институциите како инструмент за заплашување на неистомислениците и за занемарување на проблемите на лозарите во земјава.
Вуко Мелов, советник во Општина Кавадарци денеска рече во петокот бил повикан на информативен разговор во полициска станица поради објава на социјалната мрежа Фејсбук, за која тврди дека не била ниту објавена од неговиот личен профил. Според СДСМ, овој чин е обид за замолчување на сите кои јавно ги критикуваат властите.
„Дали локалната и централната власт ги користат институциите за притисок врз оние кои јавно ги критикуваат нивните катастрофални политики? Исти методи кои ги гледаме во соседна Србија од страна на Вучиќ и кои потсетуваат на времето на Никола Груевски. Никој не ви се плаши и нема да нè замолчите – СДСМ ќе се бори со сите демократски средства против оваа сè поотворена диктатура, а за злоупотребата на институциите ќе има одговорност“,
рече Мелов на денешната прес-конференција.
Покрај обвинувањата за притисок врз опозицијата и младите, од СДСМ алармираат за тешката состојба во лозарството. Како што посочуваат, грозјето скапува на нивите бидејќи винариите не го откупуваат соортното грозје „вранец“ ниту приближно до произведените количини.
Поради тоа, СДСМ бара мерки за итен интервентен откуп на грозјето од страна на државата, укинување на намалувањето од 8 отсто на откупната цена, дополнителна субвенција за секој откупен килограм и транспарентна методологија за формирање на откупната цена, со јасно дефиниран принос и шеќерни единици.
Од опозициската партија потсетуваат и на ветувањата за изградба на дестилерија, за која велат дека била дел од три изборни програми на локалната власт, а сè уште не е реализирана. Тие порачуваат дека лозарите бараат фер цена и решение, и дека СДСМ е на нивна страна.
Вчера, заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова – Пановска најави дека СДСМ ќе предложи итни мерки, преку законски решенија во Собранието со кои ќе се побара зголемување на откупната цена и тоа на 28 денари за вранецот и на 25 денари за смедеревката. Исто така, рече дека ќе предложат интервентен откуп, особено за грозјето вранец, а и да се отстрани осумпроцентното намалување на откупната цена доколку истата им се плати во рок од 8 дена.
