Каранфилова – Пановска најави дека СДСМ ќе предложи итни мерки, преку законски решенија во Собранието со кои ќе се побара зголемување на откупната цена и тоа на 28 денари за вранецот и на 25 денари за смедеревката. Исто така, рече дека ќе предложат интервентен откуп, особено за грозјето вранец, а и да се отстрани осумпроцентното намалување на откупната цена доколку истата им се плати во рок од 8 дена

Лозарите во Тиквешијата се соочуваат со сериозни проблеми со откупот на грозјето и ниските откупни цени, а Владата и премиерот Христијан Мицкоски не преземаа ништо за да го заштитат нивниот труд. Со кој образ Мицкоски денеска е на Тиквешки гроздобер, рече денеска од Кавадарци заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова – Пановска.
Според неа, оваа година Тиквешкиот гроздобер се случува во време кога лозарите се соочуваат со сериозни предизвици за обезбедување откуп за грозјето и за обезбедување на фер цена за нивното производство.
„Владата на ВМРО-ОКГ и на Мицкоски не презеде апсолутно никакви мерки со кои што ќе ги заштити лозарите и нивниот труд. Со кое лице и со кој образ се прашуваме денеска премиерот Мицкоски е овде на прославата во рамки на Тиквешкиот гроздобер, без претходно да се соочи со лозарите за да му ја кажат нивната мака“,
рече Каранфилова – Пановска.
Таа предупреди дека состојбата со вранецот е особено алармантна и дека времето за реакција истекува.
„Грозјето е по нивите. Лозарите се жалат дека вранецот, доколку не се откупи во следните 2-3 дена, ќе остане комплетно, родот ќе биде неупотреблив“,
додава таа.
Каранфилова – Пановска најави дека СДСМ ќе предложи итни мерки, преку законски решенија во Собранието со кои ќе се побара зголемување на откупната цена и тоа на 28 денари за вранецот и на 25 денари за смедеревката. Исто така, рече дека ќе предложат интервентен откуп, особено за грозјето вранец, а и да се отстрани осумпроцентното намалување на откупната цена доколку истата им се плати во рок од 8 дена.
„Ќе побараме загарантиран откуп за целото грозје оваа година“,
рече Каранфилова – Пановска.
Таа реагираше и на повикувањето во полициска станица на советникот на СДСМ во Советот на Општина Кавадарци, Вуко Мелов, поради објава на Фејсбук.
„И бидејќи незадоволството од лозарите, од земјоделците и од сите други групи граѓани секојдневно расте, Мицкоски и ВМРО-ОКГ се свесни за тоа и во такви ситуации немаат што друго да прават, освен што посегнуваат по притисок и по заплашување. Па така, нашиот советник Вуко Мелов во Советот на Општина Кавадарци, синоќа беше повикан во полициска станица заради фејсбук-статус“,
додава таа.
Каранфилова – Пановска праша дали уставно загарантираното право на слободен говор станува повторно загрозено и дали власта на Христијан Мицкоски одново станува режимска со тоа што сите оние кои што алармираат на тоа дека лозарите и земјоделците се загрозени и сите оние кои што мислат поинаку, треба да бидат повикани во полиција.
Инаку, минатиот месец и лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, најави дека пратеничката група на СДСМ ќе поднесе предлог-закон во Собранието со кој откупната цена на сите сорти на винско и трпезно грозје ќе се зголеми за 5 денари по килограм.
