Понатаму се вели дека Обвинителството проценило оти постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците во постапката, како и можност да го повтори кривичното дело, па поради тоа јавниот обвинител предложил да му се определи притвор, а судијата на претходна постапка го прифатил предлогот. На осомничениот му е определен притвор во траење од 30 дена

Пријава од граѓанин овозможи откривање и документирање кривично дело, соопшти денеска Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) откривајќи детали за приведувањето на владиниот возач за примање мито.
Информацијата за овој настан утрово се појави во партиски соопштенија што ги разменија власта и опозицијата, а потоа и полицијата го потврди инцидентот.
Од ОЈО ГОКК велат дека нивни јавен обвинител, постапувајќи по кривична пријава поднесена од Единицата за корупција при Бирото за јавна безбедност, донел наредба за спроведување истражна постапка против лице вработено во Службата за општи и заеднички работи на Владата.
Како што соопштија, постои основано сомнение дека осомничениот сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
„Постапката е иницирана по пријава на граѓанин од кого осомничениот, во периодот од 24 јули до 4 септември 2026 година, побарал 1 500 евра за да го искористи своето претпоставено влијание. Осомничениот, кој работел како возач на висок владин функционер, му ветил на оштетениот дека ќе посредува кај службени лица во Град Скопје во врска со вработување по распишан оглас за прием на пожарникари. По пријавувањето, надлежните органи, во координација со предметниот обвинител, презедоа дејствија за обезбедување докази. На 4 септември 2026 година, осомничениот е затекнат при примопредавање на 500 евра како дел од побараната награда од 1 500 евра, кои претходно биле обележани“,
се вели во соопштението од ОЈО ГОКК.
Понатаму се вели дека Обвинителството проценило оти постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоците во постапката, како и можност да го повтори кривичното дело, па поради тоа јавниот обвинител предложил да му се определи притвор, а судијата на претходна постапка го прифатил предлогот. На осомничениот му е определен притвор во траење од 30 дена.
„Навременото пријавување на корупцијата и подготвеноста на граѓаните да соработуваат со надлежните институции е исклучително важно. Пријавувањето на барање или понуда за поткуп и противзаконито влијание овозможува навремена реакција, обезбедување докази и ефикасно постапување на надлежните органи. Јавното обвинителство ги охрабрува граѓаните да ги пријавуваат ваквите случаи и да соработуваат со надлежните институции и останува посветено на одлучно постапување по сите сознанија за коруптивно однесување за кои постојат основи за преземање обвинителски дејствија“,
се додава во соопштението.
