Од СДСМ сметаат дека цела Влада треба да е уапсена, но велат дека тоа ќе било можно „да беа полицијата и обвинителството слободни и да работеа по закон и стандарди“
„Да беше во време на СДС немаше ништо од ова да се знае, затоа што никој немаше да биде санкциониран, а тие пари одамна ќе легнеа кај некој од главешините на СДС“, се додава во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ

Приведувањето на возач на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), кој бил затекнат при примање на претходно обележани парични средства е причина за партиски реакциии меѓу опозицијата и власта.
Од СДСМ излегоа со обвинување дека во владата на Мицкоски мито земаат дури и возачите и нагласуваат дека станува збор за возачот на генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев.
Според СДСМ, возачот на владиниот генсек бил приведен под сомнение дека барал мито.
„Сите земаат мито, дури и возачите на владата. Ова е ОКГ – Организирана криминална група“,
велат од СДСМ во соопштението.
Сметаат дека цела Влада треба да е уапсена, но велат дека тоа ќе било можно „да беа полицијата и обвинителството слободни и да работеа по закон и стандарди“.
„Вака, дел од полицијата си ја врши својата работа, но исто како и за бодигардот на Мицкоски, на крај сите ќе бидат ослободени со повик на телефон“,
додаваат од СДСМ.
Според нив, овој, како што го нарекуваат, скандал отвора и прашања за тоа каква била улогата на Јанушев во овој случај со мито.
„Дали возачот е само негова продолжена рака и посредник?“,
прашуваат од СДСМ.
За обвинувањата на СДСМ, писмена реакција има од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека социјалдемократите тешко ја сфаќаат борбата со криминалот затоа што „кај нив се крадеше од чистачка до премиер“.
„Колегите од СДС очигледно ги помешале лончињата. Толку се заглибени во криминал што мислат сите се како нив. Па кога ќе се апсат митаџии и криминалци тие сакаат таа слика да ја претстават за сите“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму потврдуваат дека вработен се обидел да земе мито, и веднаш бил обработен од МВР, му биле дадени бележани пари и сега е зад решетки и се води постапка за него.
„Да беше во време на СДС немаше ништо од ова да се знае, затоа што никој немаше да биде санкциониран, а тие пари одамна ќе легнеа кај некој од главешините на СДС“,
се додава во соопштението.
Додаваат дека преку овој и многу други примери се гледа дека има правна држава и дека владее законот за сите.
„Е тоа криминалецот Венко не може да го разбере. Не ја разбираме хистеријата со која настапува СДС. Со тоа што саботираат делување на институции покажуваат дека и понатаму СДС и Венко Филипче бранат криминал. Но, Венко е бастионот на криминалот во државата и уште 1 000 како Ислам Абази да има, нема да го спасат“,
додаваат од владејачката партија.
