Од велешката полиција го потврдија настанот што се случил на околу 500 метри под врвот Солунска Глава, а бил пријавен истиот ден околу 19:30 часот. На местото на кое удрил громот не бил овчарот, како и поголемиот дел од стадото кое броело околу 1 200 овци

Во средата попладнето невреме го зафати поширокиот Велешки Регион и му предизвика голема штета на 37-годишен овчар од селото Горно Јаболчиште. Гром удрил во неговото стадо што се напасувало на планината Јакупица и усмртил 95 овци.
Од велешката полиција го потврдија настанот што се случил на околу 500 метри под врвот Солунска Глава, а бил пријавен истиот ден околу 19:30 часот. На местото на кое удрил громот не бил овчарот, како и поголемиот дел од стадото кое броело околу 1 200 овци.
Оштетениот сточар за случајот ја известил Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), а нивен инспектор заедно со увидна екипа на СВР Велес извршиле увид на самото место.
Како што објави „агротим.мк“, овчарот Тасин Усеинов се обратил до Сојузот на одгледувачи на овци од каде очекуваат институциите да изнајдат начин да му помогнат на сточарот да ја надмине оваа ситуација и да продолжи да се занимава со овчарство. Како што пишува порталот, со случајот се запознати и во Министерството за земјоделство.
