„Не можеме да зборуваме за владеење на правото кога граѓаните имаат ограничен пристап до општите правни прописи на државата, а оваа апсурдна состојба е показател за ниската правната и политичката култура во државата. Оттука, Собранието и Владата имаат обврска да ја отстранат оваа системска аномалија и да обезбедат слободен и бесплатен пристап до законодавството на државата“, анализираат од Центарот за управување со промени

Бесплатен пристап до „Службен весник на Република Северна Македонија“ треба да имаат сите граѓани бидејќи тоа е нивно уставно право, сметаат од Центарот за управување со промени (ЦУП).
Тие излегоа со анализа на правните, економските и демократските придобивки ако „Службен весник“ е бесплатен и потенцираат дека со тоа граѓаните ќе имаат бесплатен пристап до прописите на државата преку кои се уредуваат нивните права и обврски за соодветно да го приспособат своето поведение.
„Не можеме да зборуваме за владеење на правото кога граѓаните имаат ограничен пристап до општите правни прописи на државата, а оваа апсурдна состојба е показател за ниската правната и политичката култура во државата. Оттука, Собранието и Владата имаат обврска да ја отстранат оваа системска аномалија и да обезбедат слободен и бесплатен пристап до законодавството на државата“,
пишува во анализата на ЦУП.
Како до бесплатен пристап до „Службениот весник“?
Од ЦУП велат дека бесплатен пристап до „Службен весник“ може да се постигне со измена на Законот за објавување на законите и другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“, измена на одлуката на Јавното претпријатие „Службен весник“ со која се утврдува износ на претплата и со укинување на член 14 став 1 алинеја 1 од Законот од страна на од Уставниот суд.
Со оглед на тоа дека во тек е процедурата за законски измени, од Центарот препорачуваат тие да се однесуваат и на бесплатниот пристап до „Службен весник“.
„На 23.12.2025 година на платформата ЕНЕР беше објавен предлог-закон за измена и дополнување на Законот за објавување на општите правни прописи. Предвидено е дополнување на Законот кое пропишува дека задолжително се објавува електронско издание на ‘Службениот весник’, додека печатеното издание може да биде објавено по потреба. Кога веќе процесот за измена на Законот е отпочнат, многу посуштинска измена ќе биде доколку се пропише дека ‘пристапот до законите, другите општи прописи и јавните огласи не може да биде предмет на наплата и мора непречено да бидат јавно достапни’. Понатаму, ќе остане на ЈП ‘Службен весник’ да ја операционализира ваквата одредба“,
велат од ЦУП.
Финансиски импликации
Центарот за управување со промени изготви и анализа на финансиските импликации врз работењето на Јавното претпријатие ‘Службен весник“ (ЈПСВ) ако се овозможи бесплатен пристап. Анализата ги опфаќа билансите на приходи и расходи на Претпријатието за периодот 2022 – 2025 година. Податоците покажуваат дека ЈПСВ во овој период има вкупен раст на приходите од десет отсто, наспроти вкупниот раст на расходите што за истиот временски период е зголемен за 22 отсто.
„Кога ќе се спореди трендот на приходи и расходи за периодот 2022 – 2025 година може да се воочи дека приходите имаат просечен раст од два отсто, но за истиот период расходите имаат просечен раст од седум отсто. Расходите исто така имаат вкупен раст од 22 отсто од 2022 до 2025 година во спротивност со помалото вкупно зголемување на приходите од десет отсто за истиот период. Ваков вид несразмерно зголемување на трошоците наспроти приходите ќе доведе до загуба во идното работење на претпријатието“,
пишува во анализата на ЦУП.

Затоа, од ЦУП излегоа со две потенцијални решенија:
Решение 1:
„Најповолно решение за надополнување на потенцијалната загуба по воведување на бесплатно електронско издание на ‘Службениот весник’ ќе се постигне со укинување на редовното печатеното издание на ‘Службениот весник’ и нудење на печатеното издание по единечна нарачка. Ова решение не само што ја покрива загубата од укинувањето на претплатата за електронското издание на ‘Службен весник’, туку решението дополнително остварува профит за ЈПСВ.“
Решение 2:
„Второто решение се однесува на тоа државата да ја надомести разликата од загубата со која ЈПСВ потенцијално може да се соочи. Според добиените одговори од барањето за слободен пристап до информации од јавен карактер, во 2025 година имало вкупно 743 претплатени корисници, од кои 431 или 58 отсто се јавни институции на централно и локално ниво. Тоа значи дека од вкупниот приход за претплата на ‘Службен весник’ во 2025 година, 58 отсто или 4 056 424 денари биле платени од државна институција. Тоа би значело, земајќи предвид само наплаќање услуги од институциите, дека во 2025 година претпријатието би имало остварено вкупен приход од 6 174 524 денари. Доколку ова решение се земе предвид, проектирано до 2030 година, ЈПСВ нема да се соочи со загуба и би останало профитабилно со просечно намалување во приходите од 21 отсто за периодот 2026 – 2030.“

Како е во други земји?
Споредбената анализа на ЦУП покажа дека, на пример, пристапот до „Народниот лист на Република Хрватска“, што е еквивалент на „Службениот весник на РСМ“, е бесплатен и лесно електронски достапен. Ист е случајот и со „Уредни лист на Република Словенија“. Службените весници на Сојузна Република Германија и Република Франција се бесплатни, а се наплаќаат само дополнителни услуги. Има и други држави што обезбедуваат бесплатен и слободен пристап до службените весници, особено во услови на интензивна дигитализација.

Како е сега кај нас?
Изданијата на „Службениот весник“ за изминатите години се бесплатно достапни на неговата интернет-страница. За пристап до изданијата за тековната година потребно е да се плати месечна или годишна претплата. За печатено издание годишната претплата изнесува 16 650 денари, а месечната рата изнесува 1 650 денари. За електронско издание годишната претплата изнесува 7 000 денари по корисник.
