Оваа учебна година ќе почне со едносменска настава во 620 од вкупно 1 023 училишни објекти

Од денеска 238 илјади ученици ја почнуваат новата учебна година. Во училишните клупи ќе седнат 174 илјади основци и 64 илјади средношколци.
Учебната година ќе трае до 10 јуни в година, освен за матурантите, за кои ќе заврши на 17 мај. Зимскиот распуст помеѓу двете полугодија ќе биде од 31 декември до 21 јануари.
Во Министерството за образование и наука пристигнати се податоци за запишани 14 952 првачиња и за 16 932 ученици во прва година средно, но точните бројки наскоро ќе бидат дефинирани.
Оваа учебна година ќе почне со едносменска настава во 620 од вкупно 1 023 училишни објекти. Поради немање просторни капацитети за воведување едносменска настава во некои поголеми градови, МОН реализира проекти за доградба на училници во училиштата. Во моментов се доградува во 14 училишта во скопските општини Центар, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Бутел, Гази Баба, како и во Илинден и Градско, а уште 15 проекти ќе почнат етапно во следните неколку месеци.
Министерката Весна Јаневска вчера информира дека годинава ќе има 433 паралелки помалку – 222 помалку во основното образование и 211 во средното поради припојување паралеки со по неколку ученици, односно реорганизирање на наставата. Поради тоа што немаат запишано ученици, од септември привремено се затвораат 26 подрачни училишта, а вкупно 148 се празни училишни објекти во државава, претежно во руралните средини.
За работа со деца со посебни образовни потреби од МОН велат дека оваа година се ангажирани најголем број асистенти досега – 1 358 во основно и 166 во средно образование. За учениците кои се на подолго болничко или домашно лекување, ќе биде достапна можноста воведена законски минатата година – да се вклучат онлајн во наставата во класот или, пак, наставникот индивидуално да работи со нив.
Министерката вели дека учебниците се навремено набавени во тираж кој го побарале училиштата и оти тие се испорачани и од денеска може да им бидат поделени на учениците.
