Од вкупно 1 023 централни и подрачни училишта, во 620 објекти ќе има едносменска настава, која, според министерката, носи повеќе придобивки за учениците, од поголема концентрација на часовите, подобра социјализација до доволно време за совладување на наставниот материјал и стекнување соодветни вештини
За 238 илјади ученици од утре почнува новата учебна година. По првпат во училишните клупи ќе седнат 14 952 првачиња, а во прва година средно се запишани 16 932 ученици.

Годинава ќе има 433 паралелки помалку, 222 од основното и 211 во средното образование. Поради немање запишани ученици, привремено се затвораат 26 подрачни училишта. Вкупната бројка празни училишни објекти во земјава, претежно во руралните средини, изнедува 148.
Ова на денешната прес-конференција го соопшти министерката за образование и наука Весна Јаневска, која им посака успешна учебна година на учениците, наставниците и стручните соработници.
„Училишната мрежа е оптимизирана и во голем број училишта значително се подобрени условите. Обезбедни се учебници за сите, а за учениците со посебни образовни потреби се ангажирани најмногу образовни асистенти досега – 1 358 во основното и 166 во средното образование“,
кажа таа.
Од вкупно 1 023 централни и подрачни училишта, во 620 објекти ќе има едносменска настава, која, според министерката, носи повеќе придобивки за учениците, од поголема концентрација на часовите, подобра социјализација, до доволно време за совладување на наставниот материјал и стекнување соодветни вештини.
Според неа, негативниот демографски тренд ја наметнал потребата од реорганизација на училишната мрежа и на оптимизација на паралелките.
„Тоа значи спојување на помалите паралеки една со друга или приклучување кон поголемите, со цел учениците да бидат во поголемо друштво, да можат подобро да се социјализираат и да се натрепваруваат. Не е тајна дека со години опстојуваа, на пример, две паралелки со по два ученика на иста возраст и во исто училиште. Сега таквите ги обединивме и затоа во образовниот систем годинава ќе имаме 433 паралеки помалку“,
вели Јаневска.
Во процесот на оптимизација, како што посочи, ниту еден редовно вработен наставник не е отпуштен од работа.
За воведување на едносменската настава во повеќе училишта се доградуваат училиници. Таков е случајот со 14 училишта во Центар, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Бутел, Илинден, Гази Баба и Градско.
