Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информира дека од дваесетината пожари на отворен простор најголемиот дел се изгаснати, а некои се ставени под контрола. Тој како позитивна вест рече дека е тоа што големиот пожар кој пред три дена избувна на подножјето на Пелистер е ставен под целосна контрола

Седум активни пожари на отворено се регистрирани до 18:30 часот, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од регистрираните 17 пожари, од ЦУК велат дека три се под контрола, а седум се изгаснати.
Од ЦУК велат дека активен е пожарот во Општина Сарај кај селата Радуша и Копаница каде што горат нискостеблеста шума и ниска вегетација.
Активен е и пожарот во Општина Чашка над селото Нежилово каде што горат ниска вегетација и дрвја. Нискостеблеста шума гори во Општина Боговиње кај селото Урвич и во Општина Штип помеѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица.
Во Општина Ново Село активен е пожарот помеѓу селата Барбарево и Стиник каде што горат ниска вегетација и мешана шума, а во Општина Струга кај селата Долна Белица, Вишни и Октиси активен е пожар на стрниште и ниска вегетација. Последниот активен пожар за кој информираат од ЦУК е во Општина Прилеп кај дата-центарот каде што горат ниска вегетација и ѓубре.
Од ЦУК посочуваат дека под контрола се пожарите во општините Гостивар и Македонски Брод каде што горат нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат, на градската депонија во Општина Делчево, како и пожарот во Општина Зелениково над селото Палиград.
Според ЦУК, изгаснати се пожарите во неколку општини каде што биле запалени ниска вегетација, грмушки, борова шума, стрниште и ѓубре.
Претходно и директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, информира дека од дваесетината пожари на отворен простор најголемиот дел се изгаснати, а некои се ставени под контрола.
Ангелов како позитивна вест рече дека е тоа што големиот пожар кој пред три дена избувна на подножјето на Пелистер е ставен под целосна контрола.
„Ова го сметам за еден од најголемите успеси ова лето бидејќи гасењето на ваков пожар којшто се одвиваше над некои делови низ борова шума е просто неверојатно. Уште еднаш упатувам голема благодарност до сите коишто учествуваа во гаснењето и ставањето под контрола на овој пожар. Се надевам дека контролата којашто ја воспоставивме ќе ја одржиме и во текот на денешниот ден, а во текот на ноќта ќе се работи повторно сантиметар по сантиметар, метар по метар во внатрешноста на пожарот за да се направи негово целосно гаснење“,
вели Ангелов во попладневната видеоизјава.
