Како втор сериозен пожар тој го посочи пожарот кај селото Градец во Општина Врапчиште, каде што огнот зафатил борова шума на тешко пристапен терен
Најкомплексни за гаснење остануваат пожарите во подножјето на Пелистер и кај селото Градец во Општина Врапчиште, соопшти денеска директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов.

Посочи дека пожарот што пред два дена избувна на преспанската страна, во подножјето на Националниот парк „Пелистер“, по интензивните интервенции на теренските екипи е ставен под контрола.
„Во текот на ноќта и утрово водевме жестока битка со огнените јазици. Можам да кажам дека пожарот е ставен под контрола и дека огнената линија, која вчера во попладневните часови ни избега, е запрена“,
рече тој.
Според него, станува збор за еден од најтешките шумски пожари оваа сезона, додавајќи дека целта е да се спречи огнот да навлезе во квалитетната шума на Националниот парк „Пелистер“.
На терен се ангажирани пожарникари од Ресен и од Битола, тимови на ДЗС со пет специјализирани возила „пинцгауер“, доброволни пожарникари и екипи на „Национални шуми“. Во гаснењето од воздух е вклучен армиски хеликоптер со ведро со капацитет од три тони вода, а по потреба ќе бидат ангажирани и двата „ертрактори“ на ДЗС.
Како втор сериозен пожар, тој го посочи пожарот кај селото Градец во Општина Врапчиште, каде што огнот зафатил борова шума на тешко пристапен терен.
„Утрово, со дејство почна полициски хеликоптер, кој црпи вода од блиско езеро и интервенира на секои пет-шест минути. Хеликоптерот значително помага во запирањето на ширењето на пожарот кон селото“,
директорот на ДЗС.
На терен се ангажирани гостиварските пожарникари, а по потреба ќе бидат упатени и дополнителни сили.
Во текот на вчерашниот дел вели дека се регистрирани повеќе од 23 пожари на отворен простор, од кои седум се активни и утринава.
Сепак, додаде дека останатите активни пожари во моментов не претставуваат сериозна закана за населените места или квалитетните шумски комплекси.
Апелира до граѓаните да бидат максимално внимателни, нагласувајќи дека и покрај тоа што почнува септември, ризикот од пожари останува исклучително висок.
