Директорот наредил итна евакуација само неколку минути пред налетот на масата од вода, мраз, кал, карпи и дрвја да стигне до училишната зграда. Дека се приближува катастрофа дознал преку неколку телефонски повици
Бројот на загинати во катастрофалните поплави во Непал и Кина се искачи на повеќе од 800, додека 3 044 лица се водат како исчезнати, вклучувајќи стотици странски државјани

Бројот на загинати во катастрофалните поплави во Непал и Кина се искачи на повеќе од 800, додека 3 044 лица се водат како исчезнати, вклучувајќи стотици странски државјани, соопштија тамошните властите. Спасувачите се повлекоа на повисоки терени поради дождот што го покачи нивото на реките.
Спасувачките операции неколкупати беа прекинати поради лошото време и загриженоста дека езерото создадено на границата меѓу Непал и Кина по големите поплави предизвикани од уривањето на глечер што се случи во средата, би можело да предизвика нови поплави откако тоа почна да се прелева во реките во Непал.
Црвениот крст проценува дека повеќе од 90 000 луѓе најверојатно се погодени од катастрофата која Кина ја поврзува со ефектите од климатските промени.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во телефонски разговор со својот непалски колега рекол дека поројните поплави се нивна „најтешка прекугранична катастрофа“ во последните години и дека спасувачките операции биле со невидена тежина и сложеност, јави кинеската државна телевизија.
Тунелите во фокусот на спасувачките операции
Спасувачките операции во Непал сега се насочени кон стотици луѓе за кои се верува дека се заглавени во тунелите на хидроелектраните, откако маса од мраз, карпи, кал и други остатоци се спушти низ хималајските реки.
Меѓу 261 странски државјанин од 23 земји кои исчезнаа на тибетската страна, 104 се од Непал, 49 од соседна Индија, како и 33 Летонци, 18 Американци и 15 Британци, рекоа во првата кинеска објава во која се наведува државјанството на загинатите.
Пекинг и Катманду соработуваат на идентификацијата на исчезнатите граѓани и странски државјани, како и на зајакнување на соработката во спречувањето и ублажувањето на катастрофите и одговорот на климатските промени.
Нивото на водата во реката Тришули се покачило по денешните интензивни врнежи што ги принудило жителите и спасувачите да побараат повисоки терени избегнувајќи можни излевања.
Непал вели дека не му е потребна странска помош за општо спасување, но портпаролот на министерството за надворешни работи Лок Бахадур Четри изјави дека на земјата ѝ треба помош за спасување од тунелите, ДНК тестирање, обезбедување ладилници за чување тела и форензичка идентификација на распаднатите посмртни останки.
Езерото што се формираше и ги попречуваше спасувачките операции во најголем дел се испразни. Но, со помош на дронови откриено е свлечиште на 2,8 километри од езерото, кое формирало нова брана и нов базен со вода.
Директор на училиште со драматична евакуација спасил 900 ученици
Се верува дека брзата реакција на директор на училиште во Непал ги спасила животите на најмалку 900 ученици. Тој наредил итна евакуација само неколку минути пред налетот на масата од вода, мраз, кал, карпи и дрвја да стигне до училишната зграда.
Раџендра Давади, директор на средното училиште Трибхуван Тришули во округот Нувакот, изјави дека дознал за надојдената поплава од неколку телефонски повици, приближно 15 минути пред таа да стигне во тоа подрачје.
„Си реков – ако нема поплава, ќе изгубиме еден ден настава. Но, ако има поплава, сите ќе си ги изгубиме животите“,
изјави директорот.
Поврзаност со долгорочните климатски промени
Поплавата беше предизвикана од нестабилноста на глечерите под долготрајните ефекти на глобалното затоплување, јави кинеската државна телевизија наведувајќи дека тоа е нова и истакната карактеристика на катастрофите во криосферата на тибетската висорамнина.
Поројните поплави од непалска страна за шест до седум минути стигнале до граничниот премин Гиронг. Драматичните снимки од надзорните камери, кои беа споделени ширум светот, покажаа огромни маси од вода и остатоци што преплавуваат згради додека луѓето се обидуваат да побегнат.
Кина мобилизираше над 2 100 спасувачи и издвои најмалку 32,7 милиони долари за поддршка на напорите за помош. Исто така, му обезбедува на Непал итна парична помош, залихи за помош при катастрофи, сателитски и хидролошки податоци и стручњаци за спасување во тунели.
