По несреќата, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ги мобилизирала сите расположливи ресурси во потрагата по исчезнатите лица. Помош во потрагата и спасувачките операции понуди и Република Кипар
Приведени се капетанот и седумте членови на екипажот на патничкиот брод „Фило Џет“, кој денеска се преврте во морето, кратко по испловувањето од пристаништето Гирне во северниот дел на Кипар.
Според премиерот на Северен Кипар, Унал Устел, ова е дел од истрагата за утврдување на причините за несреќата.

Последните податоци говорат дека најмалку девет лица загинаа, а се води потрага по исчезнати.
„Секој аспект од овој инцидент ќе биде истражен. Дури и најмалиот пропуст ќе биде откриен“,
кажа тој.
Посочи дека никој нема да биде поштеден од одговорност доколку истрагата утврди дека е виновен или одговорен за трагедијата.
По несреќата, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ги мобилизирала сите расположливи ресурси во потрагата по исчезнатите лица.
Помош во потрагата и спасувачките операции понуди и Република Кипар. Портпаролот на кипарската Влада, Константинос Летибиотис, на Икс порача дека во еден ваков момент, заштитата на човечкиот живот е над сè.
Според очевидци, дел од патниците во паника скокнале во морето, додека други успеале да се искачат на превртениот дел од трупот на бродот, од каде чекаат спасување.
Засега не е позната причината за несреќата. Океонографот Сајмон Боксал од Универзитетот во Саутемптон изјави дека според достапните снимки од настанот, условите на морето не изгледале доволно лоши за сами по себе да предизвикаат превртување на бродот. Сепак, посочил оти е можно бродот да удрил во предмет во морето, како паднат контејнер, или да имал неправилно распределен товар.
Бродот наречен „Фило џет“ плови под турско знаме. Од податоците на „Маринтрафик“ може да се види дека е долг 40, а широк 10 метри.
