Првиот тендер, според ДУИ, бил потпишан три месеци откако Иса Авдулаи е именуван на позицијата, во октомври 2024 година, во вредност од 600 илјади денари. По овој, тврдат од опозициската партија, компанијата „Индиго инц“ добила уште четири тендери, меѓу кои и овогодишниот тендер за ИТ-системи и лиценци, во вредност од околу 42 илјади евра
Опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) бара институциите да покренат истрага во врска со, како што велат, скандалот во Психијатриската болница „Скопје“ во Бардовци. Од партијата на Али Ахмети обвинија дека компанијата „Индиго инц“, поврзана со братучедот на директорот на Психијатрија, Иса Авдулаи, добила пет тендери од болницата откако тој ја презеде директорската функција.

Првиот тендер, велат од ДУИ, бил потпишан три месеци откако Авдулаи е именуван на позицијата, во октомври 2024 година, во вредност од 600 илјади денари. По овој, тврдат од ДУИ, „Индиго инц“ добила уште четири тендери, меѓу кои и овогодишниот тендер за ИТ-системи и лиценци, во вредност од околу 42 илјади евра.
„Сопственикот на компанијата, Бесим Авдулаи, е братучед на директорот Иса Авдулаи – семејна поврзаност која самиот директор ја има признато. Ниту фактот што сопственикот ја променил раководната функција во компанијата непосредно пред првиот тендер не ја брише нивната семејна поврзаност“,
рече на денешната прес-конференција потпретседателката и портпаролка на ДУИ, Арта Биљали Зендели.
Од ДУИ бараат Антикорупциската комисија и Бирото за јавни набавки целосно да ги истражат петте тендерски постапки, вклучително и проверка на критериумите, понудите, учесниците и изборот на компаниите. Партијата смета дека не е доволно постапките да се прогласат за законски, туку тоа да се аргументира со документи.
„Кога компанија семејно поврзана со раководителот на јавна институција добива пет тендери од истата институција, целосната транспарентност и проверка на постапките се обврска, а не избор“,
велат од ДУИ, оценувајќи дека болницата во Бардовци не смее да се претвори во семеен бизнис на Влен.
