По спроведената постапка за доделување на договорот, за најповолна е избрана понудата на „Рапид билд“ во вредност од 29,4 милиони евра
Интерконекторот ќе ги поврзе гасните системи на Македонија и Србија преку траса од околу 70 километри, од кои 23 километри на територија на нашата земја и околу 47 километри на територија на Србија. Со ова, нашата земја се поврзува со нова гасна рута
Потпишан е договор за проектирање и изградба на интерконективниот гасовод Северна Македонија-Србија, соопштија денеска од Владата.

Договорот во присуство на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска го потпишаа директорот на АД „Номагас“, Недим Рама, и директорот на изведувачката компанија „Рапид билд“, Тони Карафинловски.
Потпишувањето на договорот за проектирање на изградбата и изградбата на гасниот интерконектор С Македонија-Србија се применува од подготовка на проектот кон негова конкретна реализација.
Интерконекторот ќе ги поврзе гасните системи на Македонија и Србија преку траса од околу 70 километри, од кои 23 километри на територија на нашата земја и околу 47 километри на територија на Србија. Со ова, нашата земја се поврзува со нова гасна рута.
Директорот на АД „Номагас“, Недим Рама, рече дека по спроведената постапка за доделување на договорот, за најповолна е избрана понудата на „Рапид билд“ во вредност од 29,4 милиони евра.
„Договорот е по принципот ‘клуч на рака’, според моделот ФИДИС, и ги опфаќа урбанистичкото планирање, проектирањето и изградбата на гасоводот, како и обезбедувањето одобрение за употреба“,
кажа тој.
Македонскиот дел од интерконекторот, како што посочи, ќе биде долг 22,4 километри, со дијаметар од 500 милиметри. Почетна точка е блок-станицата „Клечовце“, а крајната точка е границата со Србија, во близина на селото Сопот.
Во рамки на проектот се предвидува изградба на пет придружни објекти, како главна интерконекторна мерна станица, редукциска станица, блок-станица и две приемно-опремни листачки станици.
Техничкиот капацитет на гасоводот ќе изнесува до 160 000 кубни метри гас на час, со можност за двонасочен проток.
Целосната реализација на проектот е предвидена до четвртиот квартал од 2028 година.
Според премиерот Христијан Мицкоски, изградбата на гасоводот Северна Македонија-Србија има регионално и пошироко геостратегиско значење бидејќи со негово завршување и комплетирањето на интерконекторот со Грфција, земјата ќе добие целосна вертикална поврзаност вдолж Коридорот 10.

„По завршувањето на овие проекти, ќе добиеме целосна вертикална поврзаност која е дел од Коридорот 10, а геостратешката позиција на државата станува драматично позначајна во однос на она што сме денес“,
кажа тој.
Иако земјата, како што рече, нема излез на море, преку инфраструктурното поврзување со пристаништата и соседните држави се подобрува нејзината геостратегиската положба.
„Кога се поврзуваме со пристаништа, како терминалот во Александруполи, кога се поврзуваме со солунското пристаниште преку продуктоводот и нашата рафинерија ОКТА, кога градиме интерконектори во делот на снабдувањето со електрична енергија и се поврзуваме со нашите соседи, на тој начин ја подобруваме и нашата геостратешка положба како држава“,
вели премиерот.
Како особено значајно го посочи тоа што гасоводот со Србија ќе биде двонасочен што, според него, дополнително ја зголемува вредноста на проектот.
Мицкоски се осврна и на фактот дека работите ќе ги изведува македонска компанија оценувајќи дека тоа е важно за домашната економија.
Како трета важна придобивка од проектот, премиерот го посочи придонесот кон стратегиската цел Северна Македонија да стане раскрсница на двата паневропски коридори 8 и 10.
Според Мицкоски, оваа стратегиска определба ќе се темели на три столба, меѓу кои инфраструктурното поврзување преку патната инфраструктура, односно автопатите и експресните патишта.
Премиерот најави и можност за идно поврзување на земјата со Косово преку гасовод посочувајќи дека физибилити-студијата треба да даде одговор за потребите од таква инфраструктура.
