До 26 август во Грција се регистрирани 19 смртни случаи, сите кај пациенти над 65 години
Грција бележи пораст на случаите со западнонилска треска. Според најновиот извештај на Националната организација за јавно здравје на Грција, за една недела во земјата се регистрирани 75 нови случаи на вирусот, со што вкупниот број се искачи на 232.

Од вкупниот број случаи, 165 имале манифестации на централниот нервен систем, додека 67 имале полесна форма на болеста или воопшто немале невролошки манифестации. До 26 август во Грција се регистрирани 19 смртни случаи, сите кај пациенти над 65 години. Во моментов се хоспитализирани 73 пациенти, од кои 26 се на одделенијата за интензивна нега. Од болница досега се отпуштени 124 пациенти.
Во центарот на овогодишната епидемија е Атика, каде што има особено интензивна циркулација на вирусот и зголемен број случаи во споредба со претходните години. Поголем број случаи се регистрирани и во регионите Тесалија, Централна Македонија, Пелопонез и Централна Грција.
