Како што информира министерот на денешната прес-конференција, епидемиолошките податоци на Центарот за јавно здравје Тетово покажале дека нема веќе случаи на гастроентеритис или ентероколитис или стомачни проблеми поврзани со водата за пиење
Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали се регистрирани случаи на хепатит А и Е во Гостивар и дали ќе продолжи засилениот надзор, министерот рече дека не е забележан случај на хепатит во градот, но, како што кажа, Министерството е во секојдневна комуникација со сите здравствени власти и ја следи состојбата
Укината е состојбата на епидемија во Гостивар што беше прогласена во општината пред еден месец откако голем број граѓани побараа лекарска помош поради стомачни проблеми кои се поврзуваат со загадувањето на водата од градскиот водовод, информира министерот за здравство Сашо Клековски.

Одлуката за укинување на состојбата ја донел Центарот за јавно здравје Тетово, кој претходно на 19 јули пријави епидемија во градот кога тамошните здравствени установи – јавни и приватни – почнаа да се полнат со пациенти со стомачни тегоби.
Како што информира Клековски на денешната прес-конференција, епидемиолошките податоци на ЦЈЗ-Тетово покажале дека нема веќе случаи поврзани со водата за пиење.
„Значи денеска Центарот за јавно здравје Тетово одлучи да ја прекине состојбата на епидемија во Гостивар. Значи, според нивните епидемиолошки податоци, нема веќе случај на гастроентеритис или ентероколитис или стомачни проблеми поврзани со водата за пиење“,
изјави министерот за здравство.
Прашан дали има нови случаи на хоспитализирани во Гостивар, Клековски рече дека освен 24-часовни задржувања, хоспитализации никогаш и немало во болниците во градот.
„Хоспитализација значи да бидете примен во болница“,
додаде тој.
Одговарајќи на дополнително прашање за тоа дали се регистрирани случаи на хепатит А и Е во Гостивар и дали ќе продолжи засилениот надзор, министерот рече дека не е забележан случај на хепатит во градот, но, како што кажа, Министерството е во секојдневна комуникација со сите здравствени власти и ја следи состојбата.
„Состојбата не е еднаш засекогаш статична и треба да се мониторира редовно“,
рече Клековски.
Епидемијата на подрачјето на Општина Гостивар беше пријавена на 19 јули од Центарот за јавно здравје Тетово, поради, како што соопштија тогаш оттаму, зголемениот број заболени со гастроентеритис и надминување на лимитот на неделно ниво.
Појавата на стомачни заболувања која засегна илјадници граѓани се поврза со загадувањето на водата во градскиот водовод по што на 20 јули Владата прогласи кризна состојба во Гостивар.
Таа беше укината вчера (20 август) откако истекоа 30 дена, период во кој таа може биде во сила, освен ако околностите налагаат да биде продолжена, за што е потребно одобрување од Собранието. Со укинувањето на кризната состојба заврши директниот ангажман и надзор од страна на централната власт и државните претпријатија во Гостивар.
Инаку, водата во Гостивар беше забранета за пиење од 17 јули. Според надлежните, загадувањето дојде од непрописно поставени пумпи од ЈП „Комуналец“-Гостивар со кои во системот се внесувала загадена вода. Илјадници граѓани завршија во болница поради труење со бактерии. Се изврши процес на хиперхлорирање за да се прочисти целиот водоснабдителен систем по што водата беше прогласена за исправна само за техничка употреба.

Од 14 август водата од градскиот водовод во Гостивар е безбедна за пиење откако резултатите од извршените лабораториски испитувања од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и лабораторијата на ЈП „Водовод и канализација“-Скопје беа задоволителни.
Сепак, и покрај објавите на наддадените дека водата е безбедна за пиење од опозицискиот СДСМ бараат Владата јавно да ги објави целосниот извештај и анализите за водата оценувајќи дека по целиот случај несериозно и неодговорно е од граѓаните повторно да се бара да веруваат само на изјави.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија поднесе и кривична пријава против министерот за здравство Сашо Клековски и директорите на повеќе здравствени институции, обвинувајќи ги за пропусти и непреземање мерки при загадувањето на водата за пиење во Гостивар.
Инаку, за случајот со поставувањето на пумпите осомничените се в.д. директорката на гостиварски „Комуналец“ и уште двајца раководители во јавното претпријатие кои завршија во притвор, а кој завчера им беше продолжен за нови 30 дена.
