Изборната кампањата почна на 24 јуни и во изминатите 12 дена таа се изведуваше во специфилни услови, со обиди да се почитуваат мерките за заштита, но и со чести случаи на нивно прекршување
Кампањата за десеттите парламентарни избори влегува во последната недела, пред изборниот молк кој почнува на 12 јули, на полноќ.

Веќе од почетокот на следната седмица почнува и гласањето, кое овој пат, поради специфичните здравствени услови, како резултат на епидемијата на ковид-19, практично ќе трае три дена. На 13 јули ќе гласаат заразените со ковид-19 кои се лекуваат дома и лицата на кои им е одредена самоизолација, а ден потоа, на 14 јули, ќе гласаат изнемоштените и болните лица.
Гласањето на изборниот ден на 15 јули, пак, ќе трае од 7 часот наутро до 21, наместо до 19 часот.
По парламентарните избори во 2006 година, ова се втори избори во хронологијата на плурализмот во земјава што се одржуваат во среда, наместо во недела, откако ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по долги натегања, постигнаа согласност „главното гласање“ да е реализира на 15 јули, наместо на 12 април, како што беше предвидено пред почетокот на корона-кризата во земјава.
Кампањата почна на 24 јуни и во изминатите 12 дена таа се изведуваше во специфилни услови, со обиди да се почитуваат мерките за заштита од ковид-19, но и со чести случаи на нивно прекршување за време на средбите со граѓани.