Владејачката Демократска унија за интеграција ја стартуваше својата кампања во Преспа. Пред членството распоредено на два метра растојание, кое речиси без исклучок носеше и заштитни маски, Али Ахмети го претстави Насер Зибери за кандидат за премиер.
Но, барем засега, во Преспа останаа и личното присуство на Ахмети во промоцијата на Зибери и доследното почитување на мерките за заштита од ковид-19. Кога кандидатот за премиер во петокот беше во Тетово, покрај него не беше лидерот на партијата туку неколкумина членови на партијата.
На молитвата во Шарената џамија, Зибери за цело време ја носеше својата заштитна маска, како и делегацијата која го придржуваше. Но, не и сите останати верници кои се затекнаа во моментот.
Потоа, тој продолжи во центарот на Тетово на разговор со граѓаните. Маските повторно за цело време беа на место, но политичарите не се воздржаа од ракувања со минувачите.
Така беше и кога се упатија на пазарот. Продолжија поздравите со отворена рака. Но, веднаш по поздравувањето, вработените во тетовскиот пазар се погрижија кандидатот на ДУИ за премиер да ги дезинфицира рацете.
Зибери е задоволен од организацијата на теренските активности и мерките што ги презема партијата. Вели – внимава, но и признава дека тоа не е секогаш во негова контрола.
„За жал, епидемијата ја отежна комуникацијата и особено комуникацијата во предизборната кампања. Ние се трудиме да се заштитиме, да го одржиме растојанието за да почитуваме мерките. Но, во некои случаи има ситуации кои треба веднаш да се санираат. Се обидувам максимално да ја одржувам личната хигиена и одржувањето на оддалеченост, но секогаш имаме почит кон граѓаните на прво место“,
вели Зибери.
Пред теренските активности во Тетово во петокот, Зибери беше и на партиски состанок. Од снимките што ги добивме од самата партија може да се заклучи дека кандидатот за премиер, генерално, внимава на мерките. Но, повторно, тоа не може да се каже за дел од партиските функционери.
“Но, на состаноците што ги организираме, и покрај тоа што е почеток на кампањата, засега сум задоволен од мерките што се преземаат за како субјект во изборната кампања да придонесеме за зачувување на јавното здравје, овој придонес да биде колку што е можно поголем. Ние со нашите пораки ќе им се обратиме на граѓаните да преземаат мерки, да го почитуваат тоа, за да може да се врати состојбата на нормалност. Да се започне живот, работа и на овој начин дури и во оваа изборна кампања, да можеме да поминеме со најмали можни последици“,
вели Зибери.
И додека Зибери за време на својата посета на Тетово генерално водеше сметка за мерките за заштита од ковид-19, не може да се каже дека неговиот пример го следат и останатите во партијата. На пример, на средби со граѓани во Кичево, претседателот на парламентот Талат Џафери и градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари носеа маски и држеа растојание. Но, внатре во зградата на општината двајцата се ракуваа и не користеа ниту ракавици ниту маски. За сликата да биде комплетна, не беше заборавена и групната фотографија – за да не се заборави настанот.
Ден претходно Коалицијата „Алијанса за Албанците“ и „Алтернатива“ во Тетово го одржа својот најголем собир минатата недела.
Столчињата беа однапред поставени според здравствениот протокол, а маските и според здравствените и според партиските правила. Во уредената „зона“ генерално се беше во ред, но остатокот од публиката за која немаше столче, не се придржуваше до протоколите на Комисијата за заразни болести.
Активистите ги добиваа упатствата за организацијата, но не од неопходната далечина.
Слични слики на непочитување на препорачаното растојание или на ракување, можеа да се видат за време на целиот настан.
Собирот почна со настапи од говорницата на функционери на двете партии, од кои многумина се лекари по професија. Сепак, говорницата ниту еднаш не беше испрскана со средство за дезинфекција.
„Ние, како организатори, се обидовме да ги почитуваме сите правила за јавно здравје или протоколите дадени од надлежните институции во РСМ. Столчињата се наоѓаа на растојание од метар и пол едни од други, но не можеме да гарантираме за луѓето кои доаѓаат без да ги викнеш и однадвор. Можеме да гарантираме само за тој дел што го договоривме и планиравме“,
вели Таравари.
Лидерот на „Алијансата за Албанците“ Зијадин Села не можеше да им одолее на граѓаните кои сакаа да се фотографираат со него.
„Ние апелираме да се задржи растојанието. Намерно не повикавме многу луѓе, но ние не можеме да ги запреме граѓаните кога ќе дојдат и сакаат да бидат дел од нашите митинзи. Тука поддршката е река секој ден, така се и митинзите“,
вели Села.
А за поздравувањето со рацете, прегратките не ве плашат?
„Сум кажал и на други настапи реков дека најголемата дилема во текот на оваа кампања е дека каков претседател сте вие кога треба да побарате од некој глас и не можеш да се ракувате, но сепак ја користам оваа можност да апелирам до луѓето да ја задржат својата дистанца, да се заштитат себе си, и со тоа ги заштитуваат и другите. Но јас сум во таква ситуација што кога некој ќе пријде, секако ќе мора да го почитувам“,
вели Села.
„По утрото денот се познава“ вели една стара мудрост. Ставени на испитот за доследно почитување на мерките или за почитување на сопартијците и симпатизерите, политичарите се чини го направија својот избор. Останува наивната надеж дека никому нема да му случи ништо лошо.