Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција рече дека според информациите кои ги имаат, Милко Бошковски, во чија куќа во Бардовци е фрлена бомба, е директно поврзан со кумот на премиерот Христијан Мицкоски, негов личен пријател и близок соработник. Причината за фрлената бомба, според информациите од свиркачите, вели Димитријевиќ, е нереализиран бизнис-договор со провизии
Бомба пред два дена е фрлена во домот на Милко Бошковски, вработен во МВР во отсекот за организиран криминал – објавија денеска од СДСМ, повикувајќи се на информација добиена од свиркачи.

Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, денеска на прес-конференција рече дека според информациите кои ги имаат, Бошковски е директно поврзан со кумот на премиерот Христијан Мицкоски, негов личен пријател и близок соработник. Причината за фрлената бомба кон домот на Милко Бошковски во Бардовци, според информациите од свиркачите, вели Димитријевиќ, е нереализиран бизнис-договор со провизии.
„Јавно го повикуваме Јавното обвинителство да отвори истрага, да ги провери овие наводи и основани сомнежи и да одговори: Дали е во прашање провизија – мито од 300 000 евра за бизниси и тендери? Каде требало да завршат 300 000 евра? Дали има некаква врска со тендери во РЕК и со градежно атрактивно земјиште во Скопје?“,
рече генсекот на СДСМ на денешната прес-конференција.
Опозиционерите прашуваат и дали е точно дека Бошковски и претходно бил пријавуван во Јавното обвинителство за барање мито од 200 000 евра од поранешен градоначалник.
„Вака изгледа кога организирана криминална група владее со државата. Ова не е обичен безбедносен инцидент. Прашњето е зошто се крие од јавноста овој настан? Каде е Панче Тошковски да каже зошто кај вработени во МВР и поврзани со кумот на премиерот Мицкоски се фрлаат бомби?“,
додаде Димитријевиќ.
СДСМ вчера објави и снимка од камера од видеонадзор на која е прикажан инцидентот.
