Лазаревска посочи дека единствениот документ што наликувал на проект бил изработен од фирмата „Венци“ ДООЕЛ Кочани за пренамена во кабаре. Иако овој документ не содржел законски фази и никогаш не бил поднесен во Општината, сепак бил користен од Државниот пазарен инспекторат во 2012 година и МВР – СВР Штип при издавање согласности

Сите градежни зафати во објектот биле изведени нелегално, без проектна документација, без стручен надзор и без одобрение од надлежните институции. Ова го истакна вештото лице Маријана Лазаревска на денешното рочиште за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани. Според Лазаревска, во објектот била извршена целосна реконструкција, а не обична адаптација или надградба, што барало строго дефинирана законска постапка која воопшто не била спроведена.
Според Лазаревска, пренамената од магацин во угостителски објект значително го зголемила товарот врз конструкцијата и директно влијаела на безбедноста. Во објектот биле изведени челични столбови и греди, надворешни скали и натстрешник. Во 2012 година постоеле челични галерии со пристап преку скали, кои во 2024 биле отстранети, а на задниот ѕид била оформена бина. Внатрешните столбови биле маскирани со гипс‑картон, а потпокривот изведен со стаклена волна, гипс-плочи и полиуретански сунѓер, материјал кој целосно изгорел во пожарот.
Лазаревска посочи дека единствениот документ што наликувал на проект бил изработен од фирмата „Венци“ ДООЕЛ Кочани за пренамена во кабаре. Иако овој документ не содржел законски фази и никогаш не бил поднесен во Општината, сепак бил користен од Државниот пазарен инспекторат во 2012 година и МВР – СВР Штип при издавање согласности.
На прашање од Обвинителството дали во документацијата се споменува вградување полиуретански сунѓер, Лазаревска одговори дека никаде не го сретнала тој термин.
Лазаревска наведе дека, според геодетскиот елаборат од 16 март 2025 година, габаритот на објектот не се менувал со текот на годините, а површината континуирано изнесувала околу 472 квадратни метри.
„Ова значи дека објектот никогаш немал површина помала од 300 квадратни метри, а таа бројка е исклучително важна за определување на категоријата на угостителскиот објект“,
рече Лазаревска.
Според неа, објект со таква површина не може да се третира како кабаре бидејќи не го исполнува пропишаниот услов за таа категорија. Дополнително, начинот на користење на просторот, организацијата, просторијата за гости и внатрешната опрема укажуваат дека објектот, според своите карактеристики, припаѓа во категорија диско‑клуб, а не кабаре.
Александар Наунов, татко на загинатата Надица Наунова, во име на семејствата на загинатите млади лица, истакна дека по 17 месеци борба за вистината, градежното вештачење и сведочењата на стручните лица уште појасно ги откриваат долгогодишните пропусти и непостапувања.
„Клопчето се размотува, а одговорноста сè повеќе се зацврстува. Болно е да се слуша сето ова, но ни дава надеж дека вистината, конечно, излегува на виделина“,
рече Наунов нагласувајќи дека утврдените факти се презентираат стручно, јасно и аргументирано, што им дава сила да веруваат дека правдата е достижна.
Тој ги охрабри вештаците да продолжат професионално и независно да го изнесуваат она што го утврдиле истакнувајќи дека семејствата стојат зад секој стручњак, кој со интегритет придонесува за откривање на целосната вистина.
„Не бараме ништо повеќе од вистината, но нема да прифатиме ништо помалку од неа. Фактите зборуваат, а одговорноста мора да добие име и презиме“,
додаде Наунов.
На претходното рочиште на 12 август вештото лице Душица Трпчевска-Ангелковиќ рече дека според урбанистичкопланската документација на Град Кочани од 1998 до денеска и согласно Законот за градење на предметната локација на која функционира објектот „Пулс“, не е дозволена пренамена од индустриски објект во објект за вршење угостителска дејност, додека од 2012 година инвеститорот почнува дел од објектот да го користи за намена дискотека/кабаре, што е спротивно на ДУП и законската легислатива за урбанистичко планирање и градење.
Пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
За пожарот се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на кабарето, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик. На почетокот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и ја оспорија тезата на одбраната дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу нивните дејствија и причината за смртоносниот пожар. Судењето го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
