Драматично било синоќа на хрватскиот остров Дуги Оток каде што во пожар на отворено изгоре површина од околу 300 хектари, а пожарникарите успеале да ги спасат куќите на островските заливи. Хрватска и натаму се справува со последиците од вчерашниот пожар кај градот Омиш. Четворица тешко повредени пациенти се сместени на клиниките во Загреб. Едно лице го загуби животот чиј идентитет сè уште се утврдува

Пожарникарите цела ноќ се бореа со голем пожар што избувна синоќа околу 20 часот кај местото Брбињ на островот Дуги Оток во Хрватска.
Огнот зафатил грмушки, ниска вегетација и шума. Гаснењето го отежнувале тешко пристапниот терен и густата вегетација, како и куќите сместени во островските заливи.
Од локалната противпожарна служба потврдија дека пожарот е локализиран денеска околу осум часот. Не е настаната материјална штета, но изгореле околу 300 хектари грмушки и ниска вегетација. Пожарникарите цела ноќ се бореле да ги спасат објектите, а на помош им пристигнаа и два „канадери“.
Со заеднички напори на воздушните и копнените сили одбранети се сите куќи, потврди главниот противпожарен командант Славко Туцаковиќ. Пожарникарите остануваат на теренот.
Се бара причината за пожарот во Омиш
Во меѓувреме хрватските власти соопштија дека состојбата со пожарите кај градот Омиш е задоволувачка, а пожарот е под контрола. Сепак, на големата линија на фронтот повремено се појавуваат чад и оган, па пожарникарите одговараат на секоја дојава од граѓаните.
На тешко пристапното подрачје зад планината Омишка Динара дејствуваат воздушните сили, додека пожарникарите на копно го гасат остатокот од жариштето. Причината за пожарот сè уште се истражува, земени се примероци и се прегледуваат снимки. Граѓаните изразуваат сомнежи дека пожарот е подметнат, но официјална информација за причините сè уште нема.
„Пожарот е опколен и најверојатно не би требало да има проблеми, но спорадично се појавуваат чад и оган. Пожарникарите се обидуваат да стигнат до секое место каде што ќе се појават“,
изјави командантот на Доброволно противпожарно друштво – Омиш, Вишеслав Пешиќ.
Евакуирани жители и туристи
За евакуираните граѓани и туристи во салата на „Рибњак“ биле обезбедени храна и сместување. Во згрижувањето учествувале Градот Омиш, Сплитско-далматинската Жупанија и Црвениот крст, а помогнале и угостителите и локалните жители. Но, салата синоќа била испразнета и никој не останал да преспие во неа бидејќи Градот Омиш обезбедил хотелско сместување за луѓето кои немале каде да се вратат.
Дел од евакуираните жители и туристи спас од огнената стихија пронајдоа во прифатните центри во Омиш, Сплит и Дуги Рат, каде што Црвениот крст и цивилната заштита им ја даваат потребната помош.
„Со помош на полицијата, по воден и копнен пат, како и со нашите комбиња, сите тие луѓе ги евакуиравме и ги донесовме овде, а Црвениот крст се грижеше ништо да не им недостасува. Обезбедени се кревети, храна и пијалаци. Министерството за туризам обезбеди алтернативно сместување, па дел од луѓето ги превезовме во хотел, каде што ќе останат до нивното заминување дома“,
изјави раководителот на Цивилната заштита – Сплит, Срѓан Кушчевиќ.
Четворица се борат за живот
Четири повредени лица се пренесени на клиниките во Загреб. Оттаму велат дека тројца од нив се во тешка состојба.
„Се работи за две машки и едно женско лице на возраст од 18 до 46 години. Сите се со тешки изгореници што зафаќаат од 40 до 50 проценти, па сè до 70 проценти од кожата. Во овој момент се бориме за нивните животи, односно ги стабилизираме нивните витални функции“,
изјави раководителката на Одделот за анестезиологија и интензивно лекување при Клиниката за трауматологија, Тихана Магдиќ Турковиќ.
Министерката за здравство Ирена Хрстиќ изјави дека по првичната стабилизација било логично дел од пациентите да се преместат од Сплит во Загреб, со цел сплитската единица за интензивно лекување да може да продолжи да се грижи за постојните пациенти, особено за време на туристичката сезона.
Првата жртва
Вчера беше пронајдено безживотно тело на подрачјето што беше зафатено со пожарот кај градот Омиш. Иако сè уште нема официјална потврда, дел од хрватските медиуми јавуваат дека се работи за 34-годишна жена од Босна и Херцеговина. Но, надлежните и натаму немаат објавено информации за идентитетот на починатото лице или причините за смртта.
