„Бидете барем еднаш сериозни и одговорни – објавете документ“, се вели во реакцијата на СДСМ

СДСМ бара Владата веднаш јавно да го објави целосниот извештај и анализите за водата во Гостивар. За нив, несериозно и неодговорно е, како што велат оттаму – по сè што се случуваше во Гостивар, од граѓаните повторно да се бара да веруваат само на изјави.
„Особено затоа што власта постојано даваше различни информации, а изјавите на владините функционери во изминатите пет недели беа различни и контрадикторни. Прашање е и зошто досега ниту еднаш јавно не е објавена целосна анализа на водата за Гостивар? Нема документ. Нема извештај. Затоа СДСМ бара Владата денеска да објави целосен извештај за водата во Гостивар“,
се вели во реакцијата.
Од „Бихаќка“ посочуваат дека за здравјето на граѓаните мора да постои документ, стручна анализа, институционална одговорност и потпис.
„Кои се резултатите од анализите и која институција ги извршила? Кој го потпишал извештајот? Кој одобрил користење на водата и кој со својот потпис гарантира дека таа е безбедна за граѓаните? По 5 000 илјади граѓани со здравствени проблеми и по сите контрадикторни информации од институциите, повеќе нема простор за усни уверувања. Бидете барем еднаш сериозни и одговорни – објавете документ“,
велат од СДСМ.
Претходно денеска, Централниот кризен штаб на прес-конференција од Гостивар објави дека водата од тамошниот градски водовод може да се пие. За да ја убедат јавноста, се напија и по една чаша вода пред камерите.
Надлежните им посочија на гостиварци – пред да ја користат водата за пиење, да ја остават чешмата да истече неколку секунди, особено ако подолго време не била пуштена.
