Од ДУИ најавуваат дека во следниот период ќе продолжат внимателно да ги следат сите конкурси, унапредувања и именувања во МВР и другите државни институции, и јавно ќе реагираат на секое ново нарушување на овој принцип

Демократската унија за интеграција (ДУИ) алармира за сериозен пад на застапеноста на Албанците во Министерството за внатрешни работи (МВР), посочувајќи на последните податоци за вработувања и признанија во полицијата.
Според партијата, од вкупно 549 новопримени полицајци, помалку од 40 се Албанци, што претставува околу седум проценти од вкупниот број.
Од ДУИ истакнуваат дека истиот дисбаланс бил забележан и за време на одбележувањето на Денот на полицијата, каде што од 30 наградени најдобри полициски службеници, само еден бил Албанец.
„Овие две бројки јасно ја покажуваат насоката на кадровската политика во Министерството за внатрешни работи. Денес, 25 години по Охридскиот договор, податоците од МВР покажуваат назадување во овој процес“,
се вели во денешното соопштение од ДУИ.
Од опозициската партија потсетуваат дека полицијата е една од клучните институции каде Охридскиот мировен договор донесе суштински промени во застапеноста на Албанците, а принципот на правична и соодветна застапеност беше утврден како уставен принцип за институциите да го одразуваат мултиетничкиот карактер на државата.
Од ДУИ најавуваат дека во следниот период ќе продолжат внимателно да ги следат сите конкурси, унапредувања и именувања во МВР и други државни институции, и јавно ќе реагираат на секое ново нарушување на овој принцип.
