Предметот е распределен кај судијата Билјана Шуплиновска – Јовевски, соопштија од Кривичен

На 24 август ќе започне судењето за случајот „Државна лотарија“, соопшти Кривичниот суд откако Обвинителство денеска поднесе обвинение.
„Преку автоматска распределба предметот е распределен кај судијата Билјана Шуплиновска – Јовевски и истиот е насрочен за 24 август во 10 часот“,
соопштија од Кривичен.
Во однос на барањето на Обвинителството за продолжување на куќниот притвор за Груби, од Кривичен велат дека тоа може да е на сила најдолго 60 месеци сметано од денеска.
„Со оглед дека Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог, мерката притвор согласно со член 470 став 4 од Законот за кривична постапка може да биде најдолго 60 дена од денот на поднесување на предлогот до завршување на главната расправа, односно најдолго 60 дена од денес“,
наведуваат од Судот.
Претходно, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, соопшти дека поднело обвинение против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и уште седуммина за злоупотреби од околу 8,2 милиони евра во „Државна лотарија“.
Обвинителството бара на Груби да му биде продолжен куќниот притвор, кој му е определен заедно со мерката на претпазливост – привремено одземање на патна исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница.
Реагираше ДУИ. Оттаму велат дека ова е политичко обвинение за колективна одлука и побараа меѓународен надзор над случајот.
Инаку, Груби е дома од 23 февруари, односно истиот ден кога се врати во земјава по повеќе од една година бегство од органите на прогонот. Претходно ја напушти земјава пред Обвинителството официјално да отвори истрага, а успеа да излезе од државата и да влезе во Косово и покрај тоа што беше на т.н. „стоп-листа“. Груби тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските ќе се врати дома.
