„Министерството им препорачува на граѓаните од дијаспората навремено да ја проверат важноста на своите документи и доколку има потреба, барањето за нова патна исправа да го поднесат веднаш по пристигнувањето во државата, имајќи предвид дека во моментов редовната постапка овозможува издавање на документите во кратки рокови“, велат од МВР

Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека во текот на јули биле примени околу 55 000 барања за издавање лични документи, вклучително и патни исправи.
Според МВР, во летниот период е зголемен бројот на барања за лични документи, особено поради тоа што во земјава престојуваат и голем број наши иселеници.
Сепак, велат дека процесот на издавање патни исправи се одвива непречено и без застој. Термин за поднесување барање во редовна постапка се добива во рок од еден до два дена, а документите граѓаните ги добиваат во рок од најмногу седум дена.
„Министерството им препорачува на граѓаните од дијаспората навремено да ја проверат важноста на своите документи и доколку има потреба, барањето за нова патна исправа да го поднесат веднаш по пристигнувањето во државата, имајќи предвид дека во моментов редовната постапка овозможува издавање на документите во кратки рокови“,
велат од МВР.
Од МВР велат дека направиле внатрешна реорганизација. Дел од одделнијата работат во две смени, а дел со продолжени смени.
„Одделението за управни работи Скопје и Отсекот за управни работи Тетово од понеделник до петок работат во две смени, односно од 07:30 до 19:30 часот. Отсеците за управни работи во Битола, Велес, Куманово, Охрид, Струмица и Штип од понеделник до петок работат од 08:00 до 18:00 часот. Истото работно време важи и за ОУР Битола за Прилеп, ОУР Велес за Кавадарци, ОУР Охрид за Кичево и Струга, ОУР Тетово за Гостивар и ОУР Штип за Кочани. Во останатите подрачни единици – ОУР Охрид за Дебар; ОУР Битола за Крушево, за Демир Хисар, за Ресен и за Македонски Брод; ОУР Штип за Пробиштип, за Свети Николе, за Виница, за Делчево и за Берово; ОУР Велес за Неготино; ОУР Куманово за Кратово и за Крива Паланка; ОУР Струмица за Гевгелија, за Радовиш и за Валандово работното време ќе трае од 08.00 часот до 16.00 часот“,
информира МВР.
Како што велат оттаму, во Скопје, во зградата на МРТВ, пред нешто повеќе од една година е пуштен во употреба реконструираниот дел од Одделението за управни работи – Скопје.
„Целта на реконструкцијата е граѓаните да имаат можност за брзи и ефикасни услуги, да го штедат своето време и сето тоа да биде на достоинствен начин како што заслужува секој македонски граѓанин. Со реконструкцијата и реновирањето засега опфатени се 20 т.н. кабини за сликање кои ќе извршуваат повеќе работни функции и ќе даваат повеќе услуги на граѓаните, реконструирана е големата шалтер сала која во наредниот период ќе ги опслужува граѓаните во делот на издавањето на пасошите по итна и редовна постапка, личните карти по итна постапка, возачките дозволи, уверенија за државјанства заедно со сите останати постапки во врска со барањата за прием и отпуст од државјанства, промена на лично име и други, како и услуги од областа на возилата“,
изјави тогаш министерот за внатрепни работи Панче Тошковски.
