Од почетокот на летната сезона, како последица на вирусот починале вкупно девет лица. Сите починати биле на возраст над 65 години

Во изминатата седмица во Грција се регистрирани 45 нови случаи на инфицирани од вирусот западен нил. Со ова, вкупниот број заразени од почетокот на ова лето се искачи на 110 лица, а регистрирани се и три нови смртни случаи, покажуваат податоците од најновиот неделен извештај на Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ).
Според податоците од ЕОДИ, 81 пациент е со симптоми на централниот нервен систем како енцефалитис, менингитис или акутна парализа, додека кај 29 случаи симптомите биле благи или немало зафатеност на централниот нервен систем.
Во болница се лекуваат 35 лица, а 61 пациент веќе се отпуштени на домашно лекување. За петмина не била потребна хоспитализација.
Од почетокот на летната сезона, како последица на вирусот починале вкупно девет лица. Сите починати биле на возраст над 65 години, со просечна возраст од 82 години.
„Според резултатите од епидемиолошкото истражување спроведено во 2010 година, на секој еден случај на инфекција со вирусот западен нил со зафатеност на централниот нервен систем соодветствуваат околу 140 лица инфицирани со вирусот што се со благи симптоми или без симптоми“,
посочуваат од ЕОДИ.
Доколку се анализираат официјалните податоци, повеќето од случаите (вкупно 77) се регистрирани во областа Атика, поширокиот регион на Атина, а останатите 29 се во регионот Тесалија, во Северна Грција и на Пелопонез. Пет случаи, пак, додаваат од ЕОДИ, се во фаза на епидемиолошко истражување.
Поради порастот на случаи на западен нил во Атика, од периферијата вчера соопштија дека за 30 отсто ќе ги зголемат насочените активности против комарците, додавајќи нови прскања од копно и воздух.
Првиот случај на инфекција во Грција за оваа сезона беше регистриран на почетокот на јули.
Вирусот западен нил, што го пренесуваат комарците, е присутен во земјата во летниот период од 2010 до 2014 година, како и од 2017 до денес.
Најголем број случаи на западен нил имало во 2018 година, вкупно 317, а истото лето највисок бил и бројот на починати лица – вкупно 51.
Лани во Грција биле регистрирани 96 случаи, а од западен нил починале девет лица.
