По тој повод, во свечената сала на Владата денеска ќе се одржи свечена седница на која ќе се обратат првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски

Денеска се навршуваат 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.
По тој повод, во свечената сала на Владата денеска ќе се одржи свечена седница на која ќе се обратат првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Вчера со панел-дискусија посветена на досегашната имплементација и идните предизвици, во Клубот на пратениците беше одбележана 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор, во организација на Министерството за односи меѓу заедниците.
На панелот беше истакната потребата од продолжување на реформите, зајакнување на децентрализацијата, владеењето на правото и европската интеграција, како и подобрување на квалитетот на јавните услуги. Учествуваа универзитетски професори, експерти, поранешни дипломати, политичари, новинари и претставници на граѓанското општество.
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од тогашниот претседател Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Договорот го потпишаа и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.
За успешна имплементација на договорот беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформираше во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
Во основните принципи на документот се наведува дека целосно и безусловно се отфрла употребата на насилство за остварување политички цели.
