Сите примероци од водоснабдителниот систем на Град Скопје одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење, велат од ЈП „Водовод и канализација“ по информациите што се проширија на социјалните мрежи дека во водата во главниот град се пронајдени бактерии
Јавното претпријатие информира дека во денешната контрола биле земени 45 примероци од водоводната мрежа на Град Скопје, од кои четири биле од бунарскиот потег Нерези-Лепенец.

„На сите примероци ќе им биде изработена физичко-хемиска и микробиолошка анализа согласно Правилник за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење бр.183/2018 (Прилог 4,Основен преглед-А) во акредитираните лаборатории при Сектор Санитарна контрола согласно ISO 17025:2018. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци од водоснабдителниот систем на град Скопје одговараат на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење (‘Службен весник на РМ’, бр.183/18)“,
пишува во соопштението на Водовод.

Скопскиот градоначалник на денешната прес-конференција изјави дека во водата од градскиот водовод нема ешерихија коли или каква било друга бактерија.
„Сакам да им порачам на скопјани да бидат спокојни. Скопјани пијат безбедна вода, една од најквалитетните во Европа. Зад ова стојам со мојата морална и кривична одговорност“,
изјави Орце Ѓорѓиевски.

И Агенцијата за храна и ветеринарство демантира дека водата во главниот град е контаминирана со бактерии.
„Како одговорна институција ја информираме јавноста дека Агенцијата до овој момент нема добиено известување од скопското јавно комунално претпријатије за незадоволителен резултат од лабораториско тестирање на водата за пиење, што е нивна законска обврска, врз основа на кое би била донесена и забрана за нејзина употреба. Граѓаните не треба да стравуваат. Водата од градскиот водовод во Скопје е безбедна за пиење и употреба“,
велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
