Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска изјави дека водата од градскиот водовод ја пијат тој и неговото семејство, и потенцира дека ако имало некаков проблем, прв ќе ја информирал јавноста за тоа. Посочи дека лабораторијата на „Водовод и канализација“ секој ден прави по 36 анализи на водата, па им порача на скопјани да бидат спокојни бидејќи пијат безбедна вода во која нема ешерихија коли или каква било друга бактерија. Потоа, побара чаша вода наполнета од чешма и ја испи пред камерите

Имав информација дека од одредени центри ќе се шири паника дека наводно е присутна одредена бактерија во водата од градскиот водовод. Вака градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ја почна прес-конференцијата на која тој и претставници на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ги убедуваа граѓаните дека водата што ја пијат е безбедна.
Според него, ова започнало со, како што рече, одредни приказни дека постои опасност да се контаминира водата од скопскиот водовод поради депонија што е на 30 колометри од изворот Рашче. Рече дека денеска таа депонија се чисти, но и дека таа е таму во последниве 30 години.
„Откако вчера при мое обраќање на социјалните мрежи го разбив тој меур од сапуница што поединци сакаа да го создадат, а доаѓа од одредени центри на опозицијата, следно што требаше да се направи е да се шири паника во јавноста. Затоа денеска шират по групи, особено по групи во претшколска возраст, по градинките, каде се наоѓаат родители на деца, во групи во основните училишта, како и во останати фејсбук-групи, информации дека некоја госпоѓа дознала од пријателката дека имало вакви-такви направени анализи и дека е присутна бактерија. Некаде спомнуваат ешерихија коли“,
рече Ѓорѓиевски.
Тој потенцира дека одговорно тврди оти скопјани пијат од една од петте најдобри води и извори во Европа и додаде дека тој не е монструм што ќе дозволи макар еден живот на неговите сограѓани да биде загрозен.
„Каде е проблемот? Во опозицијата. Првпат по десет години, оваа година, во ова екстремно топло лето, немаме проблем со водоснабдувањето и со притисокот. Знаете дека минатото лето половина Скопје имаше проблем со притисокот. Тоа се должи на тоа дека одговорни луѓе ја водат институцијата и навреме ги саниравме сите проблеми и пропусти од минатото и годинава немаме проблем. Затоа се оди на варијанта да се шират лаги и дезинформации за да се создаде паника во јавноста“,
рече тој.
Градоначалникот смета дека се работи за напад за ширење хистерија, кој е еднаков на терористички напад.
„Од утринава се сублимираат сите профили, и лажните и приватните, а се припадници на опозициските партии. Уредно, во текот на денот, од директорот на ‘Водовод и канализација’ ќе бидат доставени до МВР, од каде бараме да се постапи соодветно против истите“,
вели Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски рече дека водата од градскиот водовод ја пијат тој и неговото семејство, и потенцира дека ако имало некаков проблем, прв ќе ја информирал јавноста за тоа. Посочи дека лабораторијата на „Водовод и канализација“ секој ден прави по 36 анализи на водата, па им порача на скопјани да бидат спокојни бидејќи пијат безбедна вода во која нема ешерихија коли или каква било друга бактерија. Потоа, побара чаша вода наполнета од чешма и ја испи пред камерите.
Раководителката на лабораторијата во ЈП „Водовод и канализација“ рече дека сите примероци од водата што се земени во понеделникот, по 48-часовното микробиолошко испитување, ги задоволуваат критериумите.
„Ние сме единица во состав на Јавното претпријатие. Повеќе од 15 години сме акредитирани согласно стандарди. Годишно изработуваме минимум 20 илјади анализи од кои 10 илјади се физичко-хемиски, а 10 илјади се микробиолошки“,
рече таа.
Денеска новинарите го прашаа и директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана, дали е точно дека има пациенти со здравствени проблеми поради консумација на вода од скопскиот водовод.
Цана одговори оти Клиниката нема податоци дека некој има гастроинтестинални тегоби поради пиење од водата.
„Тоа што можам јас да го кажам, како директор на Инфективната клиника, е дека на Клиниката немаме такви податоци дека има пријавени пациенти со некое гастроинтестинално нарушување од таква причина, зашто тоа, нели, по дијагностичка постапка мора да биде пријавено. Засега има нормално зголемен број, со оглед на горештиниве. Бројот е зголемен, но не е над нормалата во споредба со претходните години, тука е, во очекуваниот раст. Така што, немаме податоци дека некој има гастроинтестинални тегоби поради водата“,
вели Цана.
Во известувањето за дневниот мониторинг за квалитетот и безбедноста на водата за пиење што беше објавено вчера, Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје соопшти дека испитувањата покажале оти примероците одговараат на правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.
Како што соопшти претпријатието, биле земени 42 примероци од водоводната мрежа на Град Скопје, од кои четири се од бунарскиот потег Нерези-Лепенец.
