Според инфектологот Цана, бројот на пациенти е зголемен, но не е над нормалата за овој период од годината и не е поради проблеми предизвикани од водата за пиење во Скопје

Откако на социјалните мрежи, а и меѓу граѓаните на Скопје се појавија информации дека водата во главниот град не е исправна за пиење, новинарите денеска го прашаа директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана дали е точно дека има пациенти со здравствени проблеми поради консумација на истата.
Цана одговори оти Клиниката нема податоци дека некој има гастроинтестинални тегоби поради пиење на водата од скопскиот водовод.
„Тоа што можам јас да го кажам, како директор на Инфективната клиника, е дека на Клиниката немаме такви податоци дека има пријавени пациенти со некое гастроинтестинално нарушување од таква причина, зашто тоа, нели, по дијагностичка постапка мора да биде пријавено. Засега има нормално зголемен број, со оглед на горештиниве. Бројот е зголемен, но не е над нормалата во споредба со претходните години, тука е, во очекуваниот раст. Така што, немаме податоци дека некој има гастроинтестинални тегоби поради водата“,
рече Цана.
Во известувањето за дневниот мониторинг за квалитетот и безбедноста на водата за пиење што беше објавено вчера, Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје соопшти дека испитувањата покажале оти примероците одговараат на правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење.
Како што соопшти Претпријатието, биле земени 42 примероци од водоводната мрежа на Град Скопје, од кои четири се од бунарскиот потег Нерези-Лепенец.
„Мониторингот се работи согласно Правилник за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење бр.183/2018 (Прилог 2, Дел Б). Примероците се земени согласно метода MKC ISO 5667-5 Земање на примероци – Дел 5: Упатство за земање на примероци вода за пиење од пречистителни станици и водоводни дистрибутивни системи. На сите примероци ќе им биде изработена физичко-хемиска и микробиолошка анализа согласно Правилник за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење бр.183/2018 (Прилог 4,Основен преглед-А) во акредитираните лаборатории при Сектор Санитарна контрола согласно ISO 17025:2018. Согласно добиените резултати од испитувањата, сите примероци од водоснабдителниот систем на град Скопје ОДГОВАРААТ на Правилникот за барања за безбедност и квалитет на водата за пиење(Службен весник на РМ, бр.183/18)“,
соопшти ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
