На минатото рочиште, судскиот вештак и професор на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, изјави дека градежното вештачење покажало оти безбедноста на посетителите на „Пулс“ воопшто не била во интерес при реконструкцијата и пренамената на објектот за дискотека

Денеска во судницата во „Идризово“ треба да продолжи судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ во кој загинаа 63 лица, а над двесте беа повредени.
На денешното рочиште треба да се изведе градежното вештачење на објектот „Пулс“ и распит на вештите лица што го изработиле.
На минатото рочиште, судскиот вештак и професор на Градежниот факултет при УКИМ, Горан Марковски, изјави дека градежното вештачење покажало оти безбедноста на посетителите на „Пулс“ воопшто не била во интерес при реконструкцијата и пренамената на објектот за дискотека. Марковски рече дека не биле почитувани ниту стандардите, ниту регулативата, ниту процедурите.
„Градежното вештачење, за жал, покажа недвосмислено дека во случајот ‘Пулс’, системот, односно институциите и поединците целосно не функционирале. Не биле почитувани ниту стандардите, ниту регулативата, ниту процедурите. Оние процедури што треба да обезбедат почитување стандарди и регулативи. Или, едноставно, не било почитувано ништо. За сето ова да функционира е потребен систем што ќе функционира и гарантира почитување и спроведување на стандардите“,
рече Марковски.
Посочи дека не смее и не може на објекти за различна намена да се користат исти материјали бидејќи ризиците од пожари се разликуваат од различните намени на користење на објектите. Вештачењето, додаде тој, покажува дека во објектот на „Пулс“ практично немало никаква заштита од пожари.
„Пожарот во ‘Пулс’ многу бргу доведе до уривање на дел од покривната конструкција, што покажува дека воопшто не се водело сметка. Да се коригирам, можеби за индустријата за која првично бил наменет објектот – да, но за дискотека – не. Второ, градбата треба да го спречи ширењето на пожарот и чадот во градбата и на соседните објекти. За жал, и тука имаме разочарувачко сознание. Градбата во случај на пожар треба да овозможи лицата неповредени да ја напуштат градбата, односно да овозможи нивно спасување. На крајот, градбата треба да биде така конструирана за да обезбеди заштита и лесен пристап на спасувачките тимови. Видовме дека и ова не е исполнето“,
додаде тој.
Со ова, како што е најавено, треба да заврши изведувањето докази од Обвинителството. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над двесте беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на Македонија.
