Со нивната хумана согласност за органодарителство, беше извршена трансплантација – и два живота добија нов, квалитетен продолжеток, велат од Министерството за здравство

Едно семејство рече „да“ и денес двајца пациенти имаат нов живот. Министерството за здравство соопшти нови успешни трансплантации, и тоа во пресрет на 13 август – Светскиот ден на органодарителството.
„Постојат одлуки што ја менуваат смислата на зборот ‘живот’. Одлуки донесени во најтешките мигови, кога болката е најголема, а срцето сепак избира да даде согласност. Токму таква одлука, донесена од едно семејство минатиот месец, денес значи нов почеток за двајца пациенти. Со нивната хумана согласност за органодарителство, беше извршена трансплантација – и два живота добија нов, квалитетен продолжеток“,
велат од Здравство.
Оттаму се заблагодаруваат на хуманата одлука и велат дека се приклучуваат на светската иницијатива за подигнување на свесноста за значењето на дарувањето органи.
„Зад секоја трансплантација стои тим, но пред сè стои една хумана одлука. Таа одлука е она што го прави можно чудото на новиот живот“,
порачува проф. д-р Билјана Кузмановска, национален координатор за трансплантација.
Во објавата на ресорното министерство нема детали за какви точно трансплантации станува збор.
