„Изворот Рашче е под постојан, 24-часовен надзор и обезбедување. Станува збор за простор кој е силно заштитен со видеонадзор, како и со физичко обезбедување на голема површина околу изворот. Затоа, на граѓаните сакам да им порачам, бидете спокојни. Скопје има безбедна вода за пиење“, пишува градоначалникот

Водата за пиење во Скопје е микробиолошки и хемиски исправна и безбедна за употреба, вели градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Неговата изјава доаѓа откако претходно од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) алармираа дека нова закана за чиста вода за пиење се случува во заштитеното еколошко подрачје на изворот Рашче. Од СДСМ рекоа дека се создава дива депонија во заштитеното еколошко подрачје во близина на изворот Рашче, од кој со вода за пиење се снабдува главниот град и околу 25 отсто од населението во државата.
Ѓорѓиевски вели дека информациите што се пласираат во јавноста и на социјалните мрежи за површинска депонија што се поврзува со изворот „Рашче“, создаваат непотребен страв и паника кај граѓаните во однос на безбедноста на водата за пиење.
„Депонијата за која се зборува не се наоѓа на територијата на Град Скопје и е оддалечена околу 30 километри од изворите Рашче. Истата постои веќе 30 години“,
пишува Ѓорѓиевски во објава на својот фејсбук-профил.
Тој додава дека секоја депонија која претставува еколошки проблем треба да биде исчистена и најави оти јавното претпријатие „Водовод и канализација“ е задолжено да постапи во рамките на своите надлежности, а оти Град Скопје ќе застане со целосна поддршка за оваа локација да биде расчистена.
„Сакам јасно и недвосмислено да порачам – водата што ја пијат скопјани е безбедна“,
пишува Ѓорѓиевски.
Градоначалникот додава дека резултатите од секојдневните анализи на водата покажуваат дека таа е микробиолошки и хемиски исправна и безбедна за пиење.
„Секој ден дополнително се земаат примероци од 36 до 40 различни локации низ водоснабдителниот систем, кои детално се испитуваат во лабораториите на ЈП ’Водовод и канализација’. Изворот Рашче е под постојан, 24-часовен надзор и обезбедување. Станува збор за простор кој е силно заштитен со видеонадзор, како и со физичко обезбедување на голема површина околу изворот. Затоа, на граѓаните сакам да им порачам, бидете спокојни. Скопје има безбедна вода за пиење“,
додава Ѓорѓиевски.
Во објавата тој додава дека со здравјето на граѓаните нема политика, нема манипулации и нема компромиси.
„Никогаш нема да премолчам доколку постои каков било ризик по здравјето на скопјани. Но, исто така, нема да дозволам со невистини, шпекулации и ширење паника да се создава недоверба таму каде што фактите, анализите и резултатите јасно го покажуваат спротивното“,
вели Ѓорѓиевски во објавата.
