„Овој пат процесот е целосно успешно завршен и сега влегуваме во процес на потпишување договор“, изјави министерот за транспорт додавајќи дека од понудувачот ќе бара првите 30 автобуси да ги испорача до декември или јануари, иако договорот предвидува првата испорака да се случи шест месеци по неговото потпишување
Министерот за транспорт Александар Николоски очекува првата испорака на новите 150 електрични автобуси за Скопје да се случи во декември годинава или во јануари следната година. Во вечерашното интервју за телевизија Сител, Николоски вели дека успешно е завршена повторената постапка во која за најповолна беше избрана заедничката понуда на унгарската компанија „Икарус“ и австриската ЕВН.

„Заврши и процесот на жалба. Беше поднесена една жалба која денеска беше отфрлена во второстепената комисија. Денеска ја добивме потврдата од второстепената комисија за жалби по јавни набавки. Така што, овој пат процесот е целосно успешно завршен и сега влегуваме во процес на потпишување на договор“,
изјави министерот за транспорт во интервјуто за Сител.
Николоски вели дека иако рокот за испорака е шест месеци од денот на потпишување на договорот, тој од понудувачот ќе бара првите 30 автобуси да ги испорача во декември или во јануари.
„Договорот е првите 30 автобуси да стигнат во рок од шест месеци, но моето барање до понудувачот, кој веќе ќе е и официјален контрактор на државата, ќе биде првите автобуси да стигнат во декември или во јануари. Понатаму, уште 60 да стигнат во рок од 12 месеци и уште 60 да стигнат во рок од 18 месеци. Така што за година и пол треба да пристигне целата испорака, а првите 30 се надевам дека ќе ги имаме во декември или јануари“,
вели Николоски.
Унгарската компанија „Икарус електрик“ и австриската ЕВН во јули годинава беа избрани за најповолни понудувачи на повторениот тендер за набавка на 150 електрични автобуси и 75 станици за полнење откако претходниот, на кој исто така беа избрани за најповолни, по службена должност беше поништен од Државната комисија по жалби за јавни набавки.
