Од СДСМ упатија апел до Јавното обвинителство итно да постапи по пријавата, да ги истражи сите наводи за утврдување на фактите и доказите за наведените во оваа кривична пријава

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) поднесе кривична пријава против министерот за здравство Сашо Клековски и директорите на повеќе здравствени институции, обвинувајќи ги за пропусти и непреземање мерки при загадувањето на водата за пиење во Гостивар.
На прес-конференција, членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски, истакна дека кривичната пријава, освен за Клековски, се однесува и за директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Кирил Лазов, како и директорот на Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Тетово, Шпенди Амети.
„Не се придржувале кон прописите за заштита на луѓето и животната средина. Се задоцнило со реакциите, 22 дена граѓаните на Гостивар пиеле отровна вода со фекалии, дури Центарот за јавно здравје соопштил дека водата е исправна за пиење“,
рече Фрчкоски.
Според СДСМ, иако дневно се пријавувале по околу 200 граѓани со здравствени тегоби, пет дена никој не презел ништо, да ја утврди причината и да реагира.
Партијата обвинува и дека се доцнело со прогласувањето епидемијата и оти од јавноста се криеле анализите и извештаите за квалитетот на водата.
„Сите овие непостапувања доведоа до сериозни и тешки последици за здравјето на граѓаните на Гостивар. Со ова пријавените сториле неколку кривични дела кои се гонат по службена должност. Нема поголем скандал, ниту поголема неодговорност од вакво поигрување со животот на граѓаните“,
додаде Фрчкоски.
Од партијата сметаат дека имало речиси 5 000 хоспитализирани граѓани и оти тоа е здравствена катастрофа и тотателн распад на институциите.
„Помина повеќе од еден месец, цел град Гостивар беше отруен со загадена вода. Одговорност од власта и од здравствените институции досега нема. Јавното обвинителство молчи, ги игнорира повиците да преземе конкретни чекори, но ние нема да дозволиме ова да се заташка. Одговорните за здравствената катастрофа мора да сносат одговорност, политичка и кривична“,
изјави Фрчкоски.
Од СДСМ упатија апел до Јавното обвинителство итно да постапи по пријавата, да ги истражи сите наводи за утврдување на фактите и доказите за наведените во оваа кривична пријава.
Инаку, гостиварци повеќе од четири недели се без пивка вода за пиење. Според последните информации од Главниот штаб за управување со кризи, водата во Гостивар смее да се користи само како техничка, но не и за пиење и за приготвување храна.
Министерот за здравство Сашо Клековски во телевизиско интервју минатата недела кажа дека анализата на водата за пиење во Гостивар ќе биде објавена до 20 август.
За случајот со водата се води и истрага против в.д. директорката на Јавното претпријатие „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, како и против технички раководител на Секторот за технички работи и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи во Јавното претпријатие.
Во меѓувреме и Народниот правобранител отвори предмет за загадувањето на водата во Гостивар преку кој ќе се утврдува како дошло до нарушување на правото на граѓаните за чиста вода за пиење.
