На 10 август 2001 година со воено товарно возило на патот кон месноста Љуботенски Бачила при активирање мина животот го загубија осум припадници на резервниот состав на Армијата: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски. На овој ден се оддава почит и на Ацо Ангеловски кој во 2000 година загина во Арачиново при вооружен напад врз полициска патрола

Денеска се навршуваат 25 години од загинувањето на осумтемина припадници на резервниот состав на Армијата кај месноста Љуботенски Бачила во конфликтната 2001 година.
По тој повод се одржа централна комеморативна манифестација кај споменикот на паднатите бранители во селото Волково организирана од Општина Ѓорче Петров.

Градоначалникот Александар Стојкоски рече дека 10 август не е само датум, туку е и ден кога Македонија молчи од почит и кога се поклонува пред своите херои, ден кога со гордост и благодарност се сеќава на своите македонски бранители.
„Да зборуваме за овие јунаци во нашите домови, да ги спомнуваме во училиштата, да ги воспитуваме младите да знаат дека слободата што денеска ја живееме има своја цена и свои жртви. Како општина ќе продолжиме достинствено да го негуваме споменот на нашите херои, не зашто тоа е наша должност, туку зашто е и наша чест, зашто народ што ги почитува своите херои има иднина, народ што ги заборава го губи сопствениот идентитет“,
рече Стојкоски.
На церемонијата присуствуваа претставници на семејствата на загинатите, делегации на здружението на бранители на Македонијa, здружението на воени ветерани и воени инвалиди – „Братство 2001“, здружението на борците на Општина Ѓорче Петров, како и на политички партии.
Почит на бранителите им одадоа претставници од Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана, предводени од началникот на ГШ, генерал-мајор Сашко Лафчиски, како и делегација од Владата составена од министрите за транспорт, образование и наука и за земјоделство Александар Николоски, Весна Јаневска и Борче Серафимовски.

Премиерот Христијан Мицкоски во објава на Фејсбук напиша дека жртвата на бранителите не е само дел од минатото, таа е трајно потсетување дека мирот, слободата и безбедноста имаат своја цена.
„Денес одбележуваме 25 години од трагичниот настан кај Љуботенски Бачила, ден кога Македонија се сеќава на осумте македонски бранители кои ги положија своите животи за мирот и безбедноста на својата татковина. (…) Денес со длабока почит се поклонуваме пред нивната жртва и пред нивните семејства, кои 25 години ја носат болката од загубата на своите најмили“,
напиша Мицкоски.

На 10 август 2001 година со воено товарно возило на патот кон месноста Љуботенски Бачила при активирање мина животот го загубија осум припадници на резервниот состав на Армијата: Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски. На овој ден се оддава почит и на Ацо Ангеловски, кој во 2000 година загина во Арачиново при вооружен напад врз полициска патрола.
