„Срамно и понижувачки. Милиони евра народни пари троши владата на Мицкоски, а не успеа ниту македонското знаме да го направи како што треба. Тендер-патриотите го покажаа своето лице. Повторно. Го погрешија македонското знаме“, велат од СДСМ

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) објави дека македонското знаме било погрешно претставено на државната прослава на независноста.
Обвинија дека Владата троши милиони евра, а сепак го згрешила државното знаме.
„На официјалната државна прослава за 35 години од независноста, платена со огромни суми пари од граѓаните, власта на Мицкоски го утна македонското знаме. Срамно и понижувачки. Милиони евра народни пари троши владата на Мицкоски, а не успеа ниту македонското знаме да го направи како што треба. Тендер-патриотите го покажаа своето лице. Повторно. Го погрешија македонското знаме“,
велат од СДСМ.
Од СДСМ повикаа да се каже која компанија била ангажирана за настанот, кој бил одговорен за сценографијата и побараа одговорност за, како што велат, понижувањето на државниот симбол.
„Тие знаат само за тендери, проценти, провизии, кога е државноста во прашањето, македонските национални симболи, тогаш појма немаат. За тендери и провизии од милионски бизниси – тие се експерти. За македонско знаме – аматери. Неспособни се македонското државно знаме да го направат како треба. Владата сега да излезе пред граѓаните и да каже: Која компанија била ангажирана? Кој бил задолжен за сценографијата и визуелниот идентитет? Колку пари се потрошени? Кој ќе понесе одговорност за ваквото понижување на македонскиот државен симбол?“,
повикаа од СДСМ.
Од СДСМ споделија и фотографија од спорното знаме.
Музичко-сценскиот спектакл по повод 35 години независност се одржа синоќа на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид.
