Портпаролот на владејачката партија Валентин Манасиевски обвини дека, всушност, опозицијата сакала да испровоцира инцидент во Ново Село, наспроти тврдењата на СДСМ дека биле нападнати нивни млади активисти кои мирно протестирале за време на посетата на премиерот Мицкоски
„Децата“ на Венко Филипче од Ново Село се насилници и трговци од дрога, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролот на партијата Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција, објави видео на кое поединично се посочуваа дел од луѓето што вчера во Ново Село застанаа на прес-конференција со лидерот на СДСМ, Венко Филипче, по инцидентот што се случи ден претходно.
За лицата на видеото беа објавени и податоци за тоа каде живеат и на која возраст се, како и за кое кривично дело биле пријавени. Притоа, ВМРО-ДПМНЕ објави и сегмент од видео со тепачка во која тврдат дека учествувало едно од посочените лица.
Портпаролот Манасиевски рече дека лицата се правосилно осудени, а на прес-конференцијата и во допис до медиумите ја покажа, односно ја испрати кривичната пријави од СВР Струмица.
„Христијан Ефтимов е внук на Вице Заев и менаџер на неговата фирма ‘Тотал инженеринг’, кому му е поднесена кривична пријава врз основа на која е и осуден на година и пол условна казна затвор бидејќи заедно со Илија Стојанов крвнички тепале луѓе на плоштадот во Струмица, ова е кривична пријава од 2024 година за којашто тој и Илија Стојанов се условно осудени на година и пол условна казна затвор.
Илија Стојанов, пак, освен што учествувал во тепањето на плоштадот заедно со внукот на Вице Заев, условно е осуден и за кривично дело по член 215 став 1 од Кривичниот законик, а тоа е неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори затоа што при полициски претрес кај него била пронајдена опојна дрога.
Човекот до Филипче, организацискиот секретар на СДС, Зоран Трифуновски, е лице кое, според јавно достапните информации, се гонело за обид за убиство и има богато досие за насилство и тепачки, а токму Филипче го постави на висока партиска позиција. Инаку, тој бил вработен во МВР, во обезбедувањето на Шеќеринска, и важи за близок човек на Зоран Заев, а претходно, во 2023 година, СДС го назначи за директор на МЖ инфраструктура“,
кажа на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Манасиевски обвини дека, всушност, опозицијата сакала да испровоцира инцидент во Ново Село. Посочи дека ова е талогот на општеството.
Вчера лидерот на СДСМ, Венко Филипче, одржа прес-конференција во Ново Село на која обвини дека власта тргнала физички да се пресметува со млади луѓе. Прес-конференција уследи откако опозициската партија цел ден алармираше дека за време на посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Ново Село завчера биле нападнати нивни млади активисти, за кои велат дека мирно протестирале со порака поврзана со состојбата во Гостивар.
„Беа нападнати млади деца кои ја говореа вистината – дека водата во Гостивар и во половина држава е загадена и не е за пиење. И кога веќе медиумскиот линч на организираната криминална група не помага, тие физички се пресметаа со децата на Ново Село, децата на Македонија, коишто единствено што правеа е тоа што ја говореа вистината“
рече Филипче.
Од СДСМ побараа надлежните органи да спроведат итна истрага и да ги идентификуваат напаѓачите. Обвинија дека меѓу луѓето што се заканувале и ги нападнале младите бил и возачот на градоначалникот на Ново Село, Наско Димитриев.
