Колку и да се запишат, ќе бидеме со најмалку 3 000 првачиња помалцe. Тој тренд го очекуваме и следната година, што е поразително за оваа земја, рече министерката за образование Весна Јаневска

Бројот на основци во земјава е значително намален и во моментот имаме 4 900 првачиња помалку од лани, кажа денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска. Бројката не е дефинитивна, затоа што уште ќе се запишуваат, напомена министерката, но останува фактот дека има драстичен пад.
„Бројката во основни училиште е значително намалена и во овој процент се ближи над 4 000 деца помалку од лани. Не е дефинитивна бројката затоа што уште ќе се запишуваат, дел од нив не се пријавени. Се надевам дека малку ќе опадне таа бројка, која е страшно голема во однос на демографијата. Жал ми е што го кажувам тој факт, го има објавено и Статистика, тоа се најновите податоци – околу 4 900 првачиња помалку оваа година отколку лани. Колку и да се запишат, ќе бидеме со најмалку 3 000 првачиња помалку. Тој тренд го очекуваме и следната година, што е поразително за оваа земја. За Владата е тоа загрижувачки елемент и постојано велиме дека треба да обврнеме особено внимание. Ние како МОН правиме сè за да ги подобриме условите за да ги задржиме во земјата“,
рече Јаневска.
Се намалува и бројот на студенти, што е последица на сè помалиот број на ученици во средните и основните училишта. Иако надолен тренд има и кај среднистите, таму разликата засега не е драстична.
„Тие бројки не се дефинитивни оти имаме и трет уписен рок во август“,
рече Јаневска.
