Најголем одлив на средства има кај лекувањата во странство, за што годишно се издвојуваат околу 500 милиони денари. За таа цел истакна дека ќе се формира работна група која ќе ги анализира предметите и ќе предложи мерки за поголема ефикасност и контрола
Најави и промена на системот за контрола на боледувањата, посочувајќи дека Фондот веќе проверува случаи на боледувања што траат од една до три години, од три до пет години, па и повеќе од пет години
Намалување на одливот на средства за лекувањата во странство, трошоците за ортопедски помагала, како и поголема контрола на боледувањата се меѓу главните приоритети на новото раководство на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Реформите денеска на брифинг со новинарите ги најави директорот на ФЗО, Златко Перински, посочувајќи дека ако сакаат да превенираат одливи на средства од Фондот, мора да почнат да ги реализираат активностите.

Според него, најголем одлив на средства има кај лекувањата во странство, за што годишно се издвојуваат околу 500 милиони денари. За таа цел истакна дека ќе се формира работна група која ќе ги анализира предметите и ќе предложи мерки за поголема ефикасност и контрола.
„Иако се трудиме да комплетираме документации, три сектори се вклучени во функционирањето на лекување во странство и еден предмет е распореден во три сектори, сепак нема континуитет. Ниту мериме степен на успешност на интервенции ниту водиме сметка кои клиники даваат најсоодветни услови во делот на одредени односи. Тука се остава простор за манипулација и тоа ќе го превенираме“,
рече тој.
Перински се осврна и на последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работењето на ФЗО во 2024 година најавувајќи контроли во трите области што се посочени како најпроблематични и со години се повторуваат во ревизорските наоди.
Новиот директор на ФЗО најави и промена на системот за контрола на боледувањата, посочувајќи дека Фондот веќе проверува случаи на боледувања што траат од една до три години, од три до пет години, па и повеќе од пет години.
„Досега Фондот не ги проверил боледувањата што се постари од 12 месеци, кои по закон не би требало веќе да бидат боледувања. Во моментов правиме контроли на боледувања од една до три години, од три до пет и над пет години“,
вели Перински.
Доколку се утврдат неправилности, додаде дека случаите ќе бидат доставени и до Обвинителството.
Според него, најактуелно прашање на позитивната листа на лекови е „пантопразолот“, односно „нолплазата“.
Смета дека од трите генерики на „пантопразол“, две се со индикативна листа и се препишуваат со одредени индикации, додека третата може да се препише и од матичен лекар без индикација.
Целта на Фондот, како што рече, не е финансиско фаворизирање на одредена генерика, туку ограничување на долготрајното користење на лекот бидејќи во референтните земји за Македонија постојат индикации или максимален период за негово користење.
Следната недела додаде дека ќе разговара со Здружението на матични лекари за ова прашање, а доколку се отвори можност за пропишување без индикации, тоа би се однесувало на сите три генерики.
Перински рече дека е надминат проблемот со антикоагулансите, а во моментов нема прекин во здравствените услуги и снабдувањето со лекови е стабилно.
Посочи дека има помали предизвици во онкологијата, кои се решаваат тековно, а за околу десет дена Клиниката за радиотерапија и онкологија треба да ги има сите неопходни лекови.
Поранешниот директор на ФЗО, а сегашен министер за здравство Сашо Клековски минатиот месец на работилницата насловена како „Зајакнување на управувањето со боледувањата“ соопшти дека во 2025 година бројот на боледувања до 30 дена е зголемен за 33 отсто во споредба со 2021 година, која беше година со значителен број боледувања поради ковид-пандемијата.
Во текот на минатата година биле регистрирани повеќе од 300 000 кратки боледувања.
Најчести причини за боледувања се респираторните инфекции на горните дишни патишта и гастроентеритисот, за кои во последната година биле евидентирани повеќе од 10 000 боледувања.
Во однос на долгите боледувања, министерот рече дека нивниот број останува релативно стабилен – околу 25 000 годишно, но дека значително се зголемени средствата што се исплаќаат за нив.
