Изразено е мислење со резерва за вистинито и објективно прикажување на финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето со релевантната законска регулатива, велат од ДЗР
Ненавремената уплата на средства, врз основа на придонеси од надлежните институции, влијае врз ликвидноста на Фондот, со што се отежнува навременото сервисирање на обврските на здравствените установи во рамки на договорените надоместоци, заклучува Државниот завод за ревизија (ДЗР) по спроведената ревизија на финансиските извештаи и ревизијата за усогласеност на Фондот за здравствено осигурување.
Ревизорите констатираат дека сè уште има недоследности во ефикасноста на следење на лекувањето во странство, во начинот на финансирање/купување на услугите од јавните здравствени установи и ажурирање на референтните цени за здравствените услуги, како и во ажурирање на Листата на лекови што паѓаат на товар на Фондот.
Со извршената ревизија е изразено мислење со резерва за вистинито и објективно прикажување на финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето со релевантната законска регулатива. И покрај преземените активности за спроведување на дадените препораки од претходните ревизии и понатаму постојат слабости и потребни се системски подобрувања, посочуваат од ДЗР.
„Заклучно со февруари 2026 година, неплатениот придонес од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување изнесува приближно 137 милиони евра, при што постојано се зголемува разликата помеѓу планираните средства и нивната реализација. Поради недоволно обезбедени буџетски средства, неисплатените средства од Министерството за здравство по основа на придонес за неосигурените лица, на крајот на 2024 година изнесува приближно 35 милиони евра“,
се наведува во извештајот на ДЗР.

Ревизијата утврдила и дека во функционирањето и развојот на информацискиот систем на Фондот и понатаму постојат предизвици поврзани со отсуство на стратегиски документи, недоволно кадровски капацитети, делумна функционалност на одделни модули и ограничени можности за нивна понатамошна надградба. Утврдени се и слабости во контролите кои ги спроведува Фондот врз вршењето и фактурирањето на здравствените услуги од страна на здравствените установи.
Во 2024 година се извршени вкупно 44 контроли во установите кои вршат болничка здравствена заштита, при што кај речиси половината се утврдени неправилности.
„Најголем дел од контролите се вршат во јавните установи, додека кај приватните болници, каде висината на исплатите зависи од обемот на извршените услуги, контролите се недоволни. Започнатите активности за дигитализација и воведување софтверски модул за планирање на контролите не се завршени поради неисполнети технички и организациски предуслови“,
пишува во извештајот.
Во делот на лекувањето во странство се утврдени слабости во однос на почитувањето на законските рокови за одлучување, следењето на постапките и евалуацијата на успешноста на лекувањето. Недоволно, како што се наведува, се воспоставени и контролите во процесот на евидентирање и затворање на авансно исплатените средства кон странските здравствени установи, чиј износ континуирано се зголемува во изминатиот период.
„Приближно половина од вкупниот износ на авансите се однесува на период од 2014 до 2023 година за кои не се добиени конечни фактури или не е извршен поврат на средствата. Како клучно ревизорско прашање се истакнува дека постојниот модел на финансирање на јавните здравствени установи не обезбедува целосна примена на принципот на плаќање според извршените здравствени услуги. Фондот, наместо да ги надоместува реално извршените здравствени услуги, има законска обврска да обезбеди средства за целосно функционирање на сите јавни здравствени установи, при што поголемиот дел од нив имаат реализирано значајно помал обем на услуги во однос на договорениот надоместок“,
велат од ДЗР.
