Во други случаи, пак, на дел од прекршителите им изрекувал помали глоби од предвидените, а за други воопшто не изготвувал записници, ниту наплатувал казни, иако нивните возила биле отстранети со пајак возилото и биле сместени во депото на „Градски паркинг“
Со ваквите дејствија, полицискиот службеник за себе и за други лица прибавил противправна имотна корист, а на буџетот на државата му нанел штета од најмалку 85 500 денари
Поведена е кривична постапка против полициски службеник од Одделението за безбедност на сообраќајот на патиштата при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје поради сомнежи за сторено продолжено кривично дело – злоупотреба на службената положба и овластување, соопштија денеска од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Во описот за случајот, оттаму велат дека, во периодот од април до јули годинава, додека полицаецот извршувал работни задачи во депото на Јавното препријатие „Градски паркинг“ во Скопје, за дел од лицата на кои претходно со специјално возило-пајак, им било подигнато возилото поради непрописно паркирање, изготвувал записници за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог.
„Наместо глобата да ја наплати преку ПОС-терминал, ја наплатувал во готовина, а парите ги задржувал за себе. На записниците приложувал потврда (слип) од ПОС-терминал за претходно извршена уплата по друг записник и на друго лице“,
велат од Обвинителството.
Во други случаи, пак, на дел од прекршителите им изрекувал помали глоби од предвидените, а за други воопшто не изготвувал записници, ниту наплатувал казни, иако нивните возила биле отстранети со пајак возилото и биле сместени во депото на „Градски паркинг“.
„Изготвувал записници за сторен сообраќаен прекршок со прекршочен платен налог во кои прекршокот го квалификувал како полесен, со што изрекувал помала глоба, спротивно на претходно утврдената фактичка состојба. Во некои случаи, воопшто не изготвувал записник, ниту наплатувал глоба, иако за нивните возила биле издадени налози за отстранување и тие биле сместени во депото на ‘Градски паркинг‘, туку дозволувал возилата да го напуштат депото истиот ден“,
пишува во соопштението од ОЈО ГОКК.
Со ваквите дејствија, како што велат од ова Обвинителство, полицискиот службеник за себе и за други лица прибавил противправна имотна корист, а на буџетот на државата му нанел штета од најмалку 85 500 денари.
По предлог на јавен обвинител, судија на претходна постапка му одреди притвор на полицискиот службеник во траење од осум дена поради опасност од бегство, повторување на делото и можност за влијание врз сведоци.
