Премиерот потенцира дека Општина Брвеница има специфична етничка конфигурација, но нагласи дека партијата пледира на поддршка од сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност

ВМРО-ДПМНЕ оствари победа во првиот круг од предвремените локални избори во Општина Брвеница, остварувајќи предност од околу 800 гласа пред кандидатот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), додека во споредба со СДСМ разликата е поголема од четири спрема еден, изјави премиерот и претседател на партијата, Христијан Мицкоски.
„ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи во Брвеница со огромен резултат. Тоа е значајна победа за ВМРО-ДПМНЕ во Полошкиот Регион. Имаме предност од отприлика 800 гласа во однос на кандидатот на Демократската унија за интеграција. Во однос на политичкиот конкурент СДСМ победивме со разлика поголема од четири спрема еден“,
рече Мицкоски, кој денеска беше во посета на Општина Чешиново-Облешево.
Според Мицкоски, нивниот партиски кандидат во првиот круг освоил околу 3 000 гласа. Тој изрази уверување дека поддршката во вториот круг, кој е закажан за 1 ноември, дополнително ќе порасне и ќе достигне рекордни над 4 000 гласа за конечна победа.
„Како што знаете, тоа се вонредни избори поради прерано завршениот живот на нашиот Јовица. Благодарност до граѓаните на Брвеница коишто излегоа и ја поддржаа победата на ВМРО-ДПМНЕ со некаде отприлика околу 3 000 гласа. Очекувам таа бројка по вториот круг да се искачи на рекордни над 4 000 гласа, така што верувам во конечна победа“,
додаде Мицкоски.
Премиерот потенцира дека Општина Брвеница има специфична етничка конфигурација, но нагласи дека партијата пледира на поддршка од сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност.
„Општината Брвеница од аспект на етничка конфигурација е таква каква што е, но ние пледираме на гласовите на сите етнички заедници и благодарност до сите граѓани на Брвеница, без разлика на етничката припадност, што излегоа и дадоа поддршка за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, којшто убедливо води после првиот круг“,
додаде тој.
Инаку, според сто отсто обработени избирачки места, на вонредните локални избори за градоначалник во Брвеница кандидатот Стојанчо Радически од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, освои 2 943 гласа, втор е кандидатот на „Национална алијанса за интеграција“, предводена од ДУИ, Аркин Јахији, со 2 152 гласа, трет е Јакуп Усеини од Влен со 1 528 освоени гласа, по кои следуваат Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ со 706 и независните кандидати – Душан Богдановски со 55 и Арифе Идризи со 21 глас.
