Одлуката се однесува на аналитичарот Валон Бела и имамот Бекир Халими – двајцата со македонско државјанство

Министерство за внатрешни работи на Албанија прогласи двајца граѓани за непожелни поради сомнителни активности против албанската држава, објави Топ чанел (Top Channel).
Како што објавија медиумите во Тирана, двајца државјани на Северна Македонија се прогласени за „персона нон грата“, оти против нив има информации за активности на штета на албанската држава.
Одлуката е донесена по предлог на антитерористичката единица на албанската државна полиција, а потврда дало и тамошното Министерство за внатрешни работи.
Одлуката се однесува на Валон Бела и Бекир Халими – двајцата со македонско државјанство.
Имамот Халими е поранешен член на ОНА, исламски теолог и вахабист. Во 2008 бил осомничен за поврзаност со терористичка ќелија на Ал каеда.
Бела е политички аналитичар и поранешен политички активист. Бил економски директор на Клиниката за гинекологија, од каде што е разрешен во 2019 поради конфликт со тогашната директорка на клиниката.
Бела првпат се појавува на политичката сцена со невладината организација „Реалитети“, а подоцна и како лидер на партијата Албански сојуз во 2010 година кога за регионални медиуми тој порачува дека целта на неговата партија е да ја подели Македонија на три кантони – еден македонски, еден албански и еден мешовит кантон. Подоцна оваа партија се спојува со ДПА на Мендух Тачи. Оттаму, Бела преминува во ДУИ, а бил вработен и во Општина Чаир.
Според медиумските архиви, во 2018 година Бела бил и мета на оружен напад во Чаир.
Во објава на Фејсбук, тој сега вели дека одлуката ја донела владата на „Еди Рамовиќ – сијамскиот близнак на Вучиќ“.
Инаку, пред неколку недели, Министерството за внатрешни работи одлучи да ја прогласи за „нон грата“ и косовската државјанка Икбале Худути, забранувајќи ѝ влез во земјата во период од 15 години.
