Како највозрасен пратеник во првиот повеќепартиски парламентарен состав, Стојановски ја водеше првата седница на Собранието сè до изборот на Стојан Андов за претседател на законодавниот дом
Целиот работен век го поминал како лекар, а дел од кариерата бил и директор на Велешката болница. Како доктор и педијатар, меѓу граѓаните на Велес останува запаметен како исклучителен професионалец и човек посветен на пациентите
На 103 години почина д-р Никола Стојановски, првиот претседавач на повеќепартиското Собрание на Македонија, кое ја одржа конститутивната седница на 8 јануари 1991 година и еден од последните живи учесници во Народноослободителната борба (НОБ).
Тој беше долгодишен претседател и почесен претседател на на Сојузот на борците на Македонија.

Како највозрасен пратеник во првиот повеќепартиски парламентарен состав, Стојановски ја водеше првата седница на Собранието сè до изборот на Стојан Андов за претседател на законодавниот дом.
Долги години беше еден од најистакнатите претставници на Сојузот на борците, кој како претседател на Главниот одбор, а потоа и почесен претседател, се залагаше за зачувување на антифашистичките вредности и историската меморија на НОБ.
Роден е на 8 февруари 1923 година во велешкото село Скачинци. Дипломирал на Медицинскиот факултет во Белград во 1952 година, а специјализирал педијатрија во Загреб во 1958 година.
Д-р Стојановски беше и учесник во штрајкот на велешките гимназијалци во март 1942 година, организиран како протест против воведувањето на бугарскиот јазик во наставата.
Целиот работен век го поминал како лекар, а дел од кариерата бил и директор на Велешката болница. Како доктор и педијатар, меѓу граѓаните на Велес останува запаметен како исклучителен професионалец и човек посветен на пациентите.
Покрај професионалната посветеност на медицината, д-р Стојановски остана активен и во јавниот живот. Редовно учествуваше на државни одбележувања, комеморации и историски настани, сведочејќи за периодот во кој се поставувале темелите на современата македонска држава.
За својот долгогодишен придонес како лекар, борец и општествен деец, беше добитник на повеќе државни и општествени признанија.

Сочувство до семејство на д-р Стојановски упати и лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче.
„Како лекар, антифашист, пратеник, претседавач на првото повеќепартиско Собрание и истакнат јавен деец, д-р Стојановски остави неизбришлива трага во современата македонска историја“,
напиша тој на Фејсбук.
Посочи дека д-р Стојановски целиот свој живот го посветил на зачувување на антифашистичките вредности, историската меморија и достоинството на учесниците во Народноослободителната борба.
„Неговиот придонес и делото што го остави зад себе остануваат наша трајна обврска да ги чуваме вредностите за кои се бореше. Слава му. Нека почива во мир“,
вели Филипче.
