Како современо продолжение на духот на Крушевскиот манифест, додава лидерот на ДУИ, Охридскиот мировен договор е соочен со постојани обиди за поткопување – напади врз службената употреба на албанскиот јазик, укинување на „балансерот“, напади на механизмот за заштита од мајоризација, непочитување на реалноста утврдена со пописот, селективна правда и промовирање на моноетнички концепт на државата
Наместо да се приближуваме кон илинденските идеали и уверувањето дека слободата не се гради врз надмоќта едни над други, туку врз еднаквоста, почитта и соживотот, ние се оддалечуваме од нив – пишува претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, во својата честитка по повод 2 Август – Илинден.

„Духот на Крушево беше повик за држава во која Албанците, Македонците и сите заедници ќе ја споделуваат одговорноста и заедничката судбина. Денес, наместо партнерство, повторно се враќа логиката на доминацијата, а наместо инклузивност, се продлабочува исклучувањето. Албанците сѐ повеќе се маргинализираат во државните институции, администрацијата, дипломатијата, безбедносниот сектор, правосудството, образованието, културата, здравството, економијата и во процесите на одлучување што ја определуваат иднината на државата“,
пишува Ахмети во честитката.
Како современо продолжение на духот на Крушевскиот манифест, додава лидерот на ДУИ, Охридскиот мировен договор е соочен со постојани обиди за поткопување како напади врз службената употреба на албанскиот јазик, укинување на „балансерот“, напади на механизмот за заштита од мајоризација, непочитување на реалноста утврдена со пописот, селективна правда и промовирање на моноетнички концепт на државата.
Уште позагрижувачки, според Ахмети, е што ваквите политики се овозможени со поддршка на албански претставници кои, како што вели, наместо да ја бранат волјата на Албанците, избрале да се потчинат на власта.
„Сепак, определбата на Албанците не е променета. Ние избравме заедничка, унитарна, демократска и европска Северна Македонија, во која никој не се чувствува помалку вреден од другиот и во која државата подеднакво им припаѓа на сите нејзини граѓани. Тоа е патот што води кон праведна држава, цврсто втемелена во НАТО и интегрирана во ЕУ. На овој ден, да се потсетиме дека иднината не се гради со поделби, страв или исклучување, туку само врз темелите на еднаквоста, меѓусебната почит и искреното партнерство“,
додава првиот интегративец во честитката по повод 2 Август.
