Оттаму бараат итна политичка и кривична одговорност, јавно објавување на сите анализи и причини за загадувањето на водата, како и итна интервенција и обезбедување чиста вода за сите засегнати населени места
Од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска повторно излегоа со обвинувања дека постојано се зголемува бројот на населени места каде водата не е безбедна за пиење.

Оттаму велат дека во Гостивар има ризик од епидемија на жолтица, а во повеќе од 50 населени места, како Крушево, Валандово, Булачани, Пласница, Лешок, Преглово, Маврово, Рич, Белотино, Башино Село, Елшани, Велестово, Ново Село, Сушица, Зубово, Државо, Гарани, Шутово и многу други, водата не е безбедна за пиење.
„И власта повторно задоцни со реакција. Иако претседателот Филипче уште пред две недели алармираше за ризикот од жолтица, власта дури вчера излезе со препораки за превенција и откривање симптоми. Се уште не се објавува извештај за водата во Гостивар, кој одобри, потпиша и кој гарантира дека техничката вода е безбедна“,
соопшти на прес-конференција Маја Серафимовска-Борозан од СДСМ.
Посочи дека премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Сашо Клековски даваат спротивставени изјави за состојбата со водата во Гостивар.
„Клековски вели до крај на неделата водата во Гостивар ќе може да се пие, а Мицкоски вели има нова бактерија. Ова е тотален институционален колапс. Резултат на неспособност, небрежност и целосно игнорирање на основните потреби на граѓаните од страна на тендер-патриотите. Додека Мицкоски отвора базени и оди на ‘екскурзии’, а Клековски држи прес-конференции, илјадници луѓе се разболуваат, а цела држава се претвора во зона на ризик. Пола Македонија е без безбедна вода за пиење. А одговорен сè уште нема. Ниту еден“,
вели таа.
Од СДСМ бараат итна политичка и кривична одговорност, јавно објавување на сите анализи и причини за загадувањето на водата, како и итна интервенција и обезбедување чиста вода за сите засегнати населени места.
„Македонија не смее да биде држава во која основното човеково право – чиста вода за пиење – е луксуз“,
рече Серафимовска-Борозан.
Од Министерството за здравство (МЗ) вчера соопштија дека е намален е бројот на нови прегледи во Гостивар поврзани со ситуацијата со водата за пиење.
Од почетокот на следењето, односно од 14 јули до вчера во двете здравствени установи во Гостивар се извршени вкупно 4 483 прегледи.
