Видеото што го објави Гренел на Инстаграм е снимено од погорните катови на зградата „Адора Флатирон“ во скопска Кисела Вода
Гренел имал приватна средба со премиерот Мицкоски и со министерот Муцунски, потврдија од Владата за „360 степени“

Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN
Ричард Гренел, специјален пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за специјални мисии, на Инстаграм објави видео снимено од повисоките катови на зграда од која панорамски се гледа голем дел од Скопје.
Во објавата кратко пишува – Скопје, Македонија, е убав град. Па, може да се претпостави дека тој е или бил во посета на македонската престолнина.
Според околината и видикот што се претставени, видеото е снимено од балкон на станбено-деловниот објект „Адора Флатирон“ во скопската населба Кисела Вода.

Од Владата за „360 степени“ велат дека Гренел пред два дена, на 29 јули, бил во приватна посета на Скопје и имал приватна средба со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
„Амбасадорот Гренел на 29 јули 2026 година престојуваше во Скопје во приватна посета. Во рамки на неговиот престој беше реализирана приватна средба со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски која се одржа во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и претставуваше продолжение на пријателските односи и меѓусебната комуникација“,
изјавија од Владата за „360 степени“.
Нема информација дали станало збор за конкретни политички или економско-инвестициски теми од заемен интерес, како што своевремено се спомнуваше проектот „Чебрен”.
Ричард Гренел,, кој важи за човек од блиското опкружување на американскиот претседател Доналд Трамп, во изминатиот период имаше повеќе средби со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Во февруари годинава тие се сретнаа на маргините на Минхенската безбедносна конференција разговарајќи за стратешките односи со САД.
Мицкоски се сретна со Гренел и при неговата работна посета на САД во јануари 2025 година за инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Како што информираше Мицкоски на Фејсбук, двајцата разговарале за предизвиците со кои се соочува Македонија поврзани со членството во Европската Унија.
Гренел беше во посета на Македонија во август 2024 година за што информираше Владата. За претходната средба во Вашингтон на 8 јули 2024 година Мицкоски објави на Фејсбук, а на споделената фотографија, покрај Муцунски, беше и министерот за одбрана Владо Мисајловски. Како што информираа тогаш од Владата, во текот на средбата се анализирале можностите за искористување на потенцијалите за идни заеднички инвестиции во проекти значајни за регионот. На средбата била разгледана можноста за евентуално американско учество во енергетскиот проект „Чебрен“, кој има стратешко значење за енергетската независност на земјата.
Политичките почетоци на Гренел се врзуваат за стартот на милениумот и турбулентниот период по нападите на 11 септември 2001 година. Работел како портпарол во мисијата на САД во Обединетите нации во Њујорк, меѓу другото, и во периодот кога шеф на мисијата е Џон Болтон, кој подоцна стана советник за национална безбедност на Доналд Трамп, но набрзо се разиде со тогашниот американски претседател.
Во годините на администрациите на Барак Обама, Ричард Гренел формира компанија за комункациски услуги со портфолио во Кенија, Конго, Молдавија, Авганистан. Во 2016 г. станува и коментатор на телевизијата „Фокс“ која отворено застана во поддршка на првата кандидатура на Трамп за претседател на САД.
Со доаѓањето на Доналд Трамп во Белата куќа започнува институционалниот подем на Гренел, прво како амбасадор на САД во Германија, а потоа и како специјален пратеник на американскиот претседател Трамп за Балканот кога се појави сценарио за размена на територии како начин за решавање на односите меѓу Белград и Приштина, иако тоа беше официјално демантирано од САД.
Во 2020 година Гренел доаѓа на позицијата в.д. директор на Националното разузнавање, која му овозможува координаторска улога на 17 разузнавачки агенции на САД.
По втората изборна победа на Трамп, тој се спомнуваше како можен кандидат за висока позиција во власта, па дури и за функцијата државен секретар, но таквите најави не се остварија.
