По пречекот на охридскиот аеродром од страна на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, српскиот премиер Ѓуро Мацут оствари средба со својот домаќин, премиерот Христијан Мицкоски, на која разговарале за продлабочување на билатералната соработка, економските односи и инфраструктурното поврзување
Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, попладнево пристигна во Охрид, во рамки на својата посета на земјава. На охридскиот аеродром го пречека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

„Во фокусот на разговорите ќе бидат натамошното унапредување на политичкиот дијалог и продлабочувањето на економската соработка меѓу двете земји. Охрид, како град со исклучително историско, духовно и културно значење, претставува мост меѓу двете земји и соодветно место за средба посветена на пријателството, добрососедството, регионалната стабилност и соработката“,
напиша Муцунски во објавата на Фејсбук.
По пречекот, Мацут оствари средба со својот домаќин, премиерот Христијан Мицкоски. Во текот на разговорите, двајцата премиери ја потврдиле определбата за унапредување на пријателските односи меѓу двете земји.

Оценувајќи за за конструктивна, Мицкоски рече дека на средбата со Мацут разговарале за актуелните регионални предизвици, за можностите за продлабочување на билатералната соработка, економските односи, инфраструктурното поврзување и заедничките иницијативи за поголем развој и просперитет на двете држави.
„Ја потврдивме заедничката определба за натамошно унапредување на пријателските односи, засновани на меѓусебна почит, добрососедска соработка и заеднички интерес за стабилен и просперитетен регион“,
порача Мицкоски по средбата.
Мацут во објава на социјалните мрежи рече дека дошол во Охрид со убедување дека добрососедските односи, меѓусебната почит и дијалог се најдобар начин за зајакнување на стабилноста и просперитетот во регионот.
„Со нетрпение очекуваме дискусии за конкретни проекти што дополнително ќе ја зајакнат соработката во областите на инфраструктурата, енергетиката, економијата и регионалната поврзаност“,
напиша српскиот премиер на социјалните мрежи.
