Денот во Собранието беше повеќе за опозицијата. Ја повикавме Владата на пратенички прашања, цела Влада и премиерот беа дојдени на пратенички прашања очекувајќи пратениците од опозицијата кои повеќе имаат право да поставуваат прашања и да ја држиме Владата одговорна, изјави спикерот Гаши по вчерашните тензии во законодавниот дом

Претседателот на Собранието Африм Гаши вчера во интервју за МРТ1 кажа дека опозицијата во парламентот сака да го злоупотребува правото на процедурални забелешки, чие користење е пропишано во Деловникот.
Изјавата доаѓа откако вчерашниот собраниски ден, предвиден за пратенички прашања, помина во процедурални забелешки и надмудрувања.
„За жал, тој станува веќе политички инструмент и се злоупотребува. Ќе треба да најдеме начин да го заокружиме во смислата која е содржината во Деловникот, да си го користат координаторите секогаш кога сакаат да укажат на процедура, ама не за искажување на политички ставови или за блокирање седници. Денот во Собранието беше повеќе за опозицијата. Цела Влада и премиерот беа дојдени на пратенички прашања очекувајќи пратениците од опозицијата кои повеќе имаат право, да поставуваат прашања и да ја држиме Владата одговорна. Така ја извршуваме надзорната функција на Собранието, што е многу битна компонента“,
рече Гаши.
Вчера, по неколку прекини, собраниската седница заврши само со едно пратеничко прашање.
До ваквиот расплет дојде откако во текот на денот Илире Даути, заедно со лидерот на нејзината партија Зијадин Села, ја блокираше седницата по нејзиното инсистирање дека седницата мора да се прекине доколку премиерот Христијан Мицкоски не ѝ одговори писмено на прашањето поврзано со предлог-законот за правична застапеност, а поради одбивањето на пратеничката да ја напушти говорницата и поддршката од Села, собраниското раководство најпрвин даде половина час пауза за смирување на страстите.
Иако раководството на Собранието информира дека Даути веќе добила одговор на своето прашање и дека претпладневните недоразбирања се решени, таа продолжи да инсистира, по што следуваше јавна опомена до неа со образложение оти таа грубо манипулира со институтот процедурална забелешка и дека со тоа го повредува уставното право на останатите пратеници да поставуваат прашања до присутните министри.
Во текот на целиот ден прашање до премиерот успеа да постави само еден пратеник, лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
